И покрај тоа што е завршен рокот за поднесување барања за враќање на имотите се уште има голем број предмети кои чекаат или во органот на управата кој одлучува или во управното судство. Проблемот со денационализацијата е во неефикасноста на управното судство кое треба да се реформира, оценува народниот правобранител на Република Македонија Иџет Мемети.
– Од перцепцијата на граѓаните за процесот на денационализацијата кои ни се обраќаат се гледа едно разочарување дека тој процес не успеа. Но, секако дека има и граѓани кои се задоволни од тој процес. Самиот факт дека процесот траеше повеќе од 10 години покажува дека не се било како што треба затоа што од почеток и органите се соочуваа со проблеми во однос на примената на законот и граѓаните кои беа недоволно информирани. Имаше и случаи каде во судската пракса за ист случај различно се одлучуваше така што процесот помина мачно за граѓаните кои не успеаја да го вратат имот, вели Мемети кој денеска ја отвори работилницата „Решавање на проблемот со денационализацијата во Република Македонија и улогата на народниот правобранител во тој процес“ во организација на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија (TAIEX), а во соработка со народниот правобранител.
Според него, граѓаните имаа голема надеж дека управното судство ќе ги реши нивните проблеми не само по однос на денационализацијата, туку и за други управно-правни работи. Но, вели, тој систем не ги дава посакуваните резултати.
– Управното судство јас го критикував и во Годишниот извештај дека треба да се реформира и да го направиме поефикасен како држава. Ако сериозно не се разберат препораките на народниот правобранител по однос на поефективна управна судска постапка овој процес уште ќе трае со оглед дека системот е проблем, особено лошата комуникација на органите на управата, односно органите за денационализација со управното судство и тоа секако влијае за ефективно завршување на предметите, рече Мемети.
Тој додаде дека од 2009 до 2013 година до нивната канцеларија биле доставени 618 претставки од граѓани по однос на денационализацијата, а од почетокот на годината се пристигнати 40 претставки.
Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Родна Живковска, проблемот исто го лоцира во Управниот суд, кој вели треба мериторно и поажурно да пресудува и да не ги враќа предметите во првостепена постапка, бидејќи со пролонгирањето се попречува донесување и на некои други специјални закони како законот за сопственост, но и основното право на граѓаните на сопственост бидејќи не може да располагаат со стварта.
– Денационализацијата треба да биде завршена и предметите решени, за ние да имаме чисти норми кои ќе се однесуваат за веќе стекнато право на сопственост. Што значи од сите страни ние сега се кочиме и чекаме на Управниот суд, кој треба да биде поажурен, ако може веднаш да го реши предметот за по неколку пати да не се враќаат предметите и на тој начин ќе се реши проблемот со денационализација, вели Живковска.
Илеана Фриму од Канцеларијата на Омбудсманот во Романија, пренесувајќи го нивното искуството вели дека кај нив процесот на денационализација е започнат 1991 година и се уште не е завршен. Биле донесени повеќе закони за враќање на земјиште, за градби и за реформа на системот, а последниот закон е донесен 2013 година со кој се воведуваат нови рокови за државните органи за решавање на предметите. По пресуда на Европскиот суд за човекови прав, а пред донесувањето на овој закон, тие подготвиле извештај до Парламентот на Романијата за проблемите на граѓаните со денационализацијата.
– Клучниот проблем е тоа што имотите онаму каде што не можеа да се вратат како такви, тие мораа да се компензираат на друг начин и поради кризата имаше и доста финансиски проблеми, вели Фриму, која додава дека до нивната канцеларија годишно од 1998 година, кога постојат, просечно добивале околу илјада претставки од граѓани.
На работилницата ќе се пренесат искуствата од работата на Kанцеларијата на народниот правобранител на Македонија, како и за процесити на денационализацијата во Бугарија и Романија и улогата на народниот правобранител.
Законот за денационализација во Македонија е донесен 1998 година, а крајниот рок за поднесување барања за враќање на имоти истече на 31 декември 2007 година.