Мемеди: Поединци водат кампања против мене и Клиниката за детски болести

Од:

Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди смета дека периодов имало кампања против Универзитетската клиника за детски болести и лично против него, иницирана од поединци кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, преку злоупотреба на детски судбини.

– Тие поединци многу добро знаат дека за дезинформациите, клеветите и расистичките натписи, кривично се одговара и затоа, немаат смелост да излезат јавно со име и презиме, туку се кријат позади лажен „Фејсбук“ профил. Меѓу другото, имаше тенденција да се прикаже дека за време на моето директорување, што беше само три месеци во октомври, сега четири месеци, има голема стапка на смртност на Детската клиника, но фактите го говорат спротивното, рече Мемеди на денешната прес-конференција.

Во однос на смртноста на Детската клиника, Мемеди рече дека сега има двапати помала стапка на смртност во споредба од пред пет години.

– Од прикажаната табела со податоци од информатичкиот систем на Детската клиника, јасно се забележува дека сега имаме скоро двапати помала стапка на смртност во споредба со пред пет години, односно трипати помала смртност во споредба со пред девет или 10 години, кога имало во просек и по девет умирања месечно, т.е. на секој трет ден по еден смртен исход просечно, во време кога други директоруваа со Детската клиника и имаше друга власт во државата, рече Мемеди.

Во четирите месеци откако е директор рече дека наишол на многу наталожени проблеми, нерешени со години. Кујната е во амортизирана состојба, а надвор од употреба е и хидрофорот од кој се напојуваат со вода хидрантите.

– Кујната каде се подготвува храната за децата и за бебињата е во комплетна амортизирана состојба, со инвентар што е над 20 години стар, што е многу тешко да се одржува по стандарди како што треба, со простории што се руинирани. Во вакви простории на Детската клиника, со години се подготвува храната за деца. Ова не е високоризично? Веднаш презедов мерки – изготвување решенија и сега сме во фаза на решавање на овој проблем – просторно и во обезбедување комплетно нова опрема и инвентар. Има неколку пумпи за вода што секојдневно прават дефекти, секоја недела имаме проблем и недостаток на вода. Една од тие пумпи е хидрофор што обезбедува висок притисок за хидрантите што се на спратови во случај на пожар и тој хидрофор од 2018 година е надвор од употреба. Замислете, да имаме пожар по спратови, ние немаме притисок, односно немаме вода за гасење пожар. Е, ова е високо ризичен момент, одговори тој на новинарско прашање.

Прашан дали се барало одговорност, директорот рече дека за тоа треба да се погрижат надлежните институции.

– Јас барам решенија. Јас немам време да се бавам со истражувања и со работи што не се дел од мојата надлежност. Мојата надлежност и одговорност е да изготвам решение и што побрзо да ги решавам овие проблеми. Јас сум во тек и во тек е изготвувањето на решението и за кратко време, ние ќе обезбедиме комплетно нова пумпна станица со комплет нови пумпи и просторијата во смисла на изолација бидејќи таа станица е комплетно руинирана. Ова е вон функција. Ова треба да обезбеди комплетна функција за гасење пожари. Лифтовите се над 40 години стари, значи и двата лифта се вон функција и пред да дојдам јас на оваа функција. И никој не се нафатил да го решава овој проблем, а нашите пациенти се качуваат по скали. Затоа, јас не сум излегувал со шпекулации цело ова време, бавејќи се со изнаоѓање решенија за овие проблеми што се натрупани 40 години. Сега сум во фаза на проект и ќе монтираме комплетно нови лифтови, двата што се постари, другите два се надевам другата година ќе ги замениме, појасни Мемеди.

Тој кажа дека имало и расходи што над 10 години не се расходувани, „на хартија – да, меѓутоа ние на Детската клиника сме натрупани од сите страни со отпад преку 10-15 години“.

Мемеди информираше дека кога стапил на функцијата, имал десетици барања, немало апарати за мерење тензија, монитори.

– Сега обезбедив монитор, ЕЕГ апарат што е амортизиран комплетно, за среќа јас почнав постапка пред два месеца, сега од другата недела ќе имаме нов ЕЕГ апарат, а стариот за жал оваа недела откажа. И замислете јас да не почнав постапка, сега немаше да имаме ЕЕГ апарат, за среќа брзо реагирав и се надевам идната недела ќе имаме нов ЕЕГ апарат. Имаме нов рендген апарат, донација од Јапонската амбасада, обезбедив во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување – хормон за раст за сите деца кои со години чекаа на листа за чекање и тој проблем го решивме. Значи, има една низа работи што успеавме за овој краток период да ги решиме, меѓутоа, има доста проекти со кои сме во тек и се надевам дека во скоро време и јавно ќе презентирам што ние сме сработиле и кои проекти сме ги реализирале што се во интерес на децата и на здравјето на сите деца, потенцираше Мемеди.

На прашање дали специјализанти сами се оставаат на дежурство, тој одговори дека специјалистите биле секое време присутни, бидејќи и тие дежурале.

– Недостаток на кадар е системски проблем што се провлекува со години. На нашата клиника, да, дежураат и специјализанти, меѓутоа во секое време тука се достапни специјалистите, кои исто така дежураат. Значи, не дека немаме специјалисти дежурни кои апсолутно дежураат. Меѓутоа, секако дека имаме сериозен недостаток на кадар. Во последните 14-15 години од нашата клиника заминале 40 специјалисти, половина од нив во пензија, а половина во приватното здравство и се поставува прашањето, зошто се случил ваков егзодус на стручен кадар од Детската клиника? Тоа прашање треба да се анализира. И овој проблем јас сум го наследил. Затоа, ваков гаф во смисла на кадар во институција, особено на Детската клиника, е прашање што треба да се решава во од, тоа не може преку ноќ да се реши, смета Мемеди.

Тој нагласи дека во однос на забелешките од надзорните комисии за трите починати деца изминатиов период, само во едниот случај имало стручни забелешки.

– За кои јас сум презел мерки и ќе има индивидуална одговорност и веќе има. А во вториот случај за новороденото од Струмица, наодот од стручниот надзор тврди дека нема никакви стручни пропусти. За последниот случај, наредната недела ќе има стручен надзор и ги очекуваме официјалните конкретни наоди, информираше директорот.

Околу преземените мерки за двајца лекари за смртта на 14-месечното бебе, директорот појасни дека согласно законските задолженија, тој формирал комисија за утврдување одговорност за дисциплински престап врз основа на извештаи официјални од Комисијата за стручен надзор и постапката е во тек.

– Односно, има законски рок од 60 дена, Комисијата да одлучи за мерките за одговорност за конкретните колешки, додаде Мемеди.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрушевски: Клиниките во време на СДС и ДУИ набавувале лекови вредни милиони без тендер

Горан Наумовски

ДУИ: ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува луѓето на Изет Меџити за корупција

ВМРО-ДПМНЕ: Обвинителството да не чека, веднаш да постапи по Извештајот на ДЗР

Горан Наумовски

ДСЗИ ќе иницира постапка за стручен надзор над лекувањето на починатото петгодишно дете

Петрушевски: Со СДС и ДУИ во 2022, 200 илјади евра помалку во материјалната евиденција на Клиниката за детски болести

Катерина Ѓуровски

Петгодишно девојче починало на Детска клиника од воспаление на мозок