Иако бројот на новозарзени со Ковид – 19 е во постојан пораст Комисијата за заразни болести нема да препорача дополнителни мерки, но од следната недела во Скопје почнуваат со работа пет нови ковид – амбуланти. Доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести извести дека на денешниот состанок заклучиле дека болничките капацитети за ковид – пациенти не се оптоварени, се наоѓаме во зелена зона и состојбата е стабилна, но големо оптоварување има кај матичните лекари.
„Најголемото оптеретување е на грбот на матични лекари и поради тоа Комисијата работи на систем кој ќе биде во насока да се зајакне примарниот дел од здравствениот систем. Точно ги дефиниравме просторот опремата и кадарот за реорганизирање и од наредната недела почнуваат со работа пет ковид – амбуланти во Скопје, градот кој е најзасегнат со број на заразени. Ковид – амбулантите ќе бидат во Здравствените домови Идадија, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Ченто и Чаир“, најави доктор Мехемдовиќ.
Ковид – амбулантите ќе имаат работно време од 07.30 до 19.30, а во нив ќе работат матичните лекари на принцип на ротација, за што вели дека добиле согласност од нив.
„Ова е во координација со матичните лекари. Има нивен претставник во Комисијата за заразни болести кој доби задача да направи анкета. Одговорот беше позитивен, поголем дел сакаат да има ковид – амбуланти со едно дежурство. Дежурствата ќе бидат поретки, едно во два месеци. Дали ќе бидат дополнително платени не е побарано и не дискутирано, доколку побараат ќе биде дискутирано“, рече доктор Мехмедовиќ.
Тој очекува со новите амбуланти здравствените услуги да им бидат подостапни на заразените со Ковид – 19, да се избегне недостатокот од термини за тестирање оти во овие амбуланти ќе се прават брзите тестови за Ковид – 19.
Ковид – амбуланти, Мехмедовиќ најави дека ќе бидат отворени и во другите градови.