Меѓународната заедница ќе ги брка фантомските гласачи од избирачкиот список во Македонија

Од:

Мнозинството во ДИК заклучи дека избирачкиот список е „чист“ и во него нема фантомски гласачи. Гледајќи ја ситуацијата на терен, без проверка на гласачите и отстранување на сите констатирани неправилности, меѓународната заедница предлага посебно тело што ќе го прочистува избирачкиот список во земјава. Во меѓувреме, повторно стана достапна интернет апликацијата „пронајди го соседот фантом“.

Саше Димовски

Државната изборна комисија (ДИК) не соопшти дали открила фантомски гласачи преку проверките направени на одреден примерок на терен, ниту објасни дали се разјасни како дошло до разлика во бројот на избирачи од списокот, споредбено со податоците од базите на 10 државни институции.

Во ваква ситуација, која за мнозинството членови во ДИК значи дека избирачкиот список е „прочистен“, тој нема да се проверува дополнително на терен пред парламентарните избори кога и да се одржат, туку, евентуално може само да се направи споредба со базите на над 110 илјади гласачи кои не се совпаѓаат со податоците на МВР и на другите државни институции.

Но, наспроти ставот на мнозинството членови на Државната изборна комисија за чист избирачки список, меѓународната заедница не верува во „чистиот“ избирачки список и бара да се формира меѓународно тело кое ќе изврши проверка на списокот од фантомските гласачи.

Последната порака што стаса од ЕУ дипломатите е дека Европската комисија не сака постизборни извешти во кои ќе бидат наведени констатираните неправилности, туку бара создавање чист терен пред одржување на изборите.

ЧИСТЕЊЕ НА СПИСОКОТ ПОД МЕЃУНАРОДНА КОНТРОЛА

Еврокомесарот за преговори за проширување на Унијата, Јоханес Хан соопшти дека е неопходен меѓународен мониторинг за чистење на Избирачкиот список пред парламентарните избори во Македонија.

„Потребно е меѓународната заедница да формира посебно тело кое ќе се занимава со Избирачкиот список. Она што го видовме во Македонија е дискусија без крај за квалитетот на гласачката листа. Постојат ОДИХР и други организации кои оценуваат како се спроведени изборите, но ова се извештаи по изборите. За да се избегне сета дискусија пред изборите, добро и потребно е, според мене, да има меѓународна институција, која е прифатлива за сите, а која ќе ја провери гласачката листа пред изборите, па тогаш да може да се одржат неоспорни избори“ – изјави Јоханес Хан.

Оваа порака јасно ја покажува меѓународната загриженост за спроведување избори без чистење на списокот од фантомски гласачи: починати или иселени лица, увезени гласачи од Албанија и Србија, како и префрлање на гласачи од една во друга општина, наменски пред изборите.

Сите овие забелешки, како и податокот дека се запишувани гласачи на непостоечки улици, згради, куќи, или по 40 до 50 луѓе во станови од по 50-тина метри квадратни , како и на адреси на деловни објекти во државна сопственост, на адреси на амбасади, бензински пумпи, државни институции, беа потенцирани, но теренската проверка која се очекуваше да ги лоцира на терен, наеднаш се изгуби во „административни процедури“ и ДИК не објави податок што направиле нивните анкетари на терен.

– Целата постапка запна уште при формирањето на тимовите кои требаше да ја вршат теренската проверка. Иако тоа беа луѓе предложени од Државниот завод за статистика, излезе дека се лица на чии домашни адреси имаше запишано повеќе гласачи. Домаќините кои свесно дозволиле на нивни адреси да се запишат гласачи, сега треба да ги лоцираат „фантомските гласачи“. Вакви ситуации имавме во Битола, Ресен, Кичево, Скопје. Како да се добие реален извештај во ваква ситуација – прашува извор од ДИК кој сакаше да остане анонимен.

Тој посебно потсетува дека доволно било да се проверат само „човечињата“ за кои се говори во прислушуваните разговори, за да се открие шемата на уфрлање на гласачи пред гласање без законска процедура, која МВР наместо да ја утврдува и штити, била иницијатор за незаконитости при впишување во избирачкиот список.

МВР поништило само 600 лични карти по службена должност кои биле изработени, но не биле подигнати од граѓаните.

ДИК НЕ ДАВА ПОДАТОЦИ ЗА ТЕРЕНСКИТЕ ПРОВЕРКИ

До претседателот на ДИК Александар Чичаковски и неговиот заменик Реџеп Прекопуца поставивме прашања за тоа што откриле теренските проверки, кога ќе биде готов нивниот извештај и побаравме увид во него, но не добивме одговор.

Членот на ДИК, Игор Милев предложен од СДСМ, кој бојкотираше дел од работата на Комисијата, вели дека процедурата на пречистување на списокот прекинала, бидејќи мнозинството членови во ДИК сметаат дека списокот е веќе пречистен.

Сè уште не е објавено дали ДИК ги добила од МВР резултатите од проверката на лицата кои се родени во Пустец, а кои имаат право да гласаат во Македонија и како е постапено со над 3.000 пријави од граѓани за кои беше најавено дека ќе се проверуваат на терен. ДИК потврдија дека на нивната веб-страница, со користење на апликацијата за пронаоѓање и пријавување на фантомски гласачи, над 6.800 граѓани пријавиле непостоечки гласачи, адреси, улици, згради, но половина од нив веднаш биле одбиени, бидејќи не биле доставени докази.

– Какви докази очекуваше ДИК да добие од пријавите на граѓаните на интернет? Посмртници за тие за кои посочуваа дека се починати, да ги сликаат непостоечките згради, влезови и улици, или државните објекти за да се увери комисијата дека тоа не се места за живеење? Граѓаните ја завршија работата во рокот во кој беше поставен списокот, но ДИК се оглуши на укажувањата – коментира друг извор од структурата на Комисијата задолжена за спроведување на изборите.

Сепак, во рамките на ова истражување, преку социјалните мрежи и со директна теренска проверка, пронајдовме десетици граѓани кои пријавиле фантомски гласачи на нивните адреси, во зградите во кои живеат или во нивното соседство.

КАКО ЖИВЕЕАТ 70 ЛУЃЕ ВО ЕДЕН СТАН?

Меѓу адресите на кои во еден стан се регистрирани од 40 до 70 гласачи е онаа на улицата „Максим Горки“ бр.11, влез 1 во Општина Центар, каде што се водат 66 гласачи на истата адреса.

Овој „калабалак“ од луѓе беше повод невладините организации да направат пародија перформанс, симулирајќи на улица, како изгледа во простор од педесетина квадрати да живеат 66 луѓе.

Иако акцијата беше насочена кон утврдување на такви фантомски гласачи, најголем дел од нив „увезени“ од Пустец, Република Албанија, до сега нема информација од ДИК, дали овој стан бил на административна теренска проверка, како еден од највпечатливите примери за апсурдноста на избирачкиот список.

Голем дел од граѓаните пријавиле дека на списокот си ги наоѓаат роднините кои се иселени и со години не живеат во Македонија, многу од нив и го откажале државјанството поради добивање друго државјанство, како и починати лица кои фигурираат и по над 10 години од нивната смрт.

– Мојата куќа во списокот е заведена со два броја. Првата адреса е точна, но втората не е. На лажната адреса, на списокот фигурираат нашите роднини, кои пред 25 се иселени од Македонија, – тврди Ана М., од Скопје во група на Фејсбук, каде што граѓаните можеа да ги споделат искуствата со наоѓање на „фантомски гласачи“ на нивните адреси…

– На моја адреса живее и тетка ми која е мажена во Србија пред 40 години – коментира Игор Т. И тој посочил дека оваа неправилност ја пријавил преку веб апликацијата во ДИК.

– Баба ми и дедо ми починаа во 2004 и 2006 година. Куќата во која живееја е срушена во 2008 година, но тие уште фигурираат на списокот и адресата – напишала нивната внука на Твитер.

Многу од корисниците велат дека на нивните адреси како гласачи се појавуваат и нивните баби и дедовци кои одамна биле починати, како што е претходниов пример.

Сепак, фантомските гласачи многу полесно се лоцираат во помалите градови, каде што луѓето се знаат меѓу себе. Таков е примерот од Велес, каде што граѓаните отворено зборуваат дека во нивните згради има луѓе за кои никогаш не слушнале.

ВО ВЕЛЕС ВО ФАНТОМСКИ ЗГРАДИ ЖИВЕАТ ФАНТОМСКИ ГЛАСАЧИ

Преку примерот на жителите од улицата „Славко Ѓоргиев Сватот“, во зградата број 2 во населбата Тунел 1 во Велес, се гледа обидот на секој начин да се уфрлат гласачи кои фиктивно се водат на адреси, а не се знае од каде се.

Жителите тврдат дека не само што имаат фантомски комшии, кои со задоволство би сакале да ги запознаат, туку некој им допишал и фантомски станови во кои живеат фантом-комшиите.

Тие тврдат дека фантом гласач е извесна Билјана Таневска која се води на нивната адреса, но нема број на стан во зградата, во кој наводно би живеела. Во оваа зграда има 20 стана, но на списокот фигурира и стан 24 кој би требало да лебди во воздух. Во тој стан е запишан гласачот Сашко Трајковски. За жителите од оваа зграда, фантом гласач е и извесна Грозда Маневска, која фигурира дека живее во станот со број 5 и Марија Цветковиќ која фантомски е вселена во станот со број 8, сопственост на сосема други луѓе. За нив, изненадување се и имињата на Снежана Темелкова која ја пронашле како фантомски гласач во станот со број 10, некој си Зоран Ивановски кој фигурира во станот со број 12 и Аница Анастасова која наводно живее во станот со број 14.

– Излезе дека во цела зграда, во секој наш стан ни живее по уште еден потстанар кој ние никогаш не сме го виделе, ама тој има право да гласа, како и ние на исто избирачко место. Навистина би сакале да ги запознаеме нашите „комшии“ – велат жителите на оваа зграда, собрани пред влезот, дискутирајќи за новите „фантом- комшии“ кои ги откриле на Избирачкиот список.

Сепак, некој се сетил за новите „фантом гласачи“ во избирачкиот список да „изгради“ и втор влез на оваа зграда. Во реалноста оваа зграда има само еден влез, но на списокот, во вториот влез, во станот со број 9 живеат Кире и Росана Чулевски, во станот со број 11 се „вселила“ Ѓурѓа Миленковска, во стан број 6 живее Зоран Петрушевски, а целото семејство Трајкови, Менда, Сања и Василчо живеат во станот со број 15 во непостоечката зграда на оваа велешка улица.

Од постоечката зграда на истата адреса одамна заминале две семејства во странство, но тие и натаму фигурираат на списокот како станари во становите со број 17 и 20.

Но, ова не е единствениот пример на фантоми во Велес на кои ни укажаа граѓаните. Преку пребарување во списокот, во зграда на улица „Андон Шурков“ број 8, во комплексот УЗУС пронашле запишани седум гласачи, кај кои, како податок стои само редниот број на зградата, но нема број на влез или стан.

Велешани од улицата „Енгелсова“, на бројот 4 пронашле, исто така, фантомски гласачи. И тие тврдат дека дел од случаите ги пријавиле преку веб апликацијата во ДИК, но за кусо време, на втор обид да пријават друг случај, апликацијата го одбивала нивниот пристап, со електронска порака дека „не се регистрирани во списокот како избирачи со право на глас“.

НА ГОСТИ КАЈ КОМШИИТЕ ОД ПУСТЕЦ ВО КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

На улицата „Илинденска“, во близина на Владата се наоѓа мала зграда во која е сместена Државната комисија за жалби по јавни набавки. На оваа адреса се запишани дека живеат и имаат право на глас 40-тина жители од Пустец, Република Албанија.

Нашата теренска проверка и евентуална средба со „комшиите“ од Пустец изгледаше вака: на вратата на Комисијата се најавивме и рековме дека одиме на третиот кат (мало поткровје кое никој не го користи) кај комшиите од Пустец, со кои сакаме да поразговараме. Госпоѓата од пријавницата бледо не гледаше и рече дека во зградава нема трет кат. Тие се тука на приземјето, а на катот е канцеларијата на претседателката на Комисијата и толку е просторот кој го користи комисијата. Други луѓе, овде не живеат, децидна беше госпоѓата од Комисијата.

Но, кога и рековме дека според избирачкиот список на последниот кат живее една „чета“ луѓе со право на глас, само крена раменици, се насмеа и ја сфати апсурдноста на ситуацијата.

Во скопски Центар, вакви гласачи беа регистрирани во серија деловни објекти (дуќани) кои се во сопственост на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, на адреси на неколку амбасади. Можеби најсмешната ситуација што произлезе по јавно направената теренска проверка е кога анкетарите на ДИК барале жителка, гласач, која имала запишано живеалиште на адреса на бензинска станица на „Макпетрол“. Вработените тврдеа дека биле изненадени и тие и анкетарите, кога на адреса на бензинската станица ја барале госпоѓата гласач.

-Треба нас да нè прашаат, да им кажеме каде се. Не се само фантомски гласачи, туку и цели фантомски улици, непостоечките згради и броеви, бидејќи ние сме на терен секој ден и добро знаеме што направиле – ми вели таксист од такси компанијата „Р..“, возејќи ме кон локацијата на „Илинденска“ за проверка на запишаните гласачи на адреса на Комисијата за жалби.

-Улицата „Борис Трајковски“, на пример, која претходно се викаше „Првомајска“ ќе ја најдете во избирачкиот список со двете имиња и со голем број избирачи, а на неа де факто најголем број се стопански објекти, а не куќи за живеење – вели таксистот В.Г. Тој појаснува дека со пребарување на Избирачкиот список нашол дека во Кисела Вода има улица каде што има само непарни броеви, но во списокот некој допишал и парни броеви. Во Центар, Козле и Кисела Вода пронајдов цели влезови и броеви на згради, кои на лице место ги нема – вели таксистот.

СДСМ од Битола тврдеше дека откриле тројца фантомски гласачи кои биле регистрирани на улицата „Солунска“ број 14-А во Битола, во куќа која била во сопственост на ресенскиот градоначалник, Ѓоко Стрезоски. Според нив, таму биле запишани тројца гласачи: Ерхан, Серхан и Себаедин Мехмедали кои биле родени и живееле во Бенгази, Либиска Арапска Џамахирија, но гласале во Битола. СДСМ и околните станари тврдеа дека куќата е празна и никој не ги видел, ниту ги познава овие лица. Ресенскиот градоначалник, претходно полициски службеник, се правдаше дека опозицијата се збунила, бидејќи неговата куќа била само со број 14, а посочената со 14-а, но никој од СВР Битола не објасни како овие либиски државјани се нашле на списокот.

Фантоми се појавија и во амбасадите на Полска и Словенија во Скопје, каде што беа регистрирани по еден гласач. Еден фантомски гласач беше пронајден и на адреса на Државниот пазарен инспекторат, на улицата „11 Октомври“ број 118, а пак, 9 гласачи се регистрирани на улицата „Архимедова“ бр. 2 во Гази Баба каде се наоѓа Секторот за урбанизам и просторно планирање.

Од опозициската СДСМ соопштија дека по отворањето на телефонската линија кај нив биле пријавени над 800 фантомски гласачи на домашни адреси на граѓани, 47 непостоечки станови, 14 непостоечки влезови кои ги доставиле до ДИК.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека СДСМ измислува фантомски гласачи, кои првично беа половина милион, па паднаа на десетина, наведувајќи дека тие евидентирале 15 фантомски гласачи на адресата на пратеникот на СДСМ Горан Сугарески.

МНОГУ РЕАКЦИИ ОД НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОР, НО РЕТКО КОЈ ГО СЛУША

Избирачкиот список има големи недостатоци поради неажурноста на институциите, но и на граѓаните, оценува Џабир Дерала од невладината организација Цивил – Центар за слобода.

-Очигледно е дека основниот проблем на Избирачкиот список е неговата криминална злоупотреба, вметнувањето на гласачи со повеќекратни идентитети, со луѓе кои противзаконски се стекнале со документи врз чија основа се запишани во него.

Чистењето на Избирачкиот список е тесно поврзано со целиот процес на надминување на политичката криза, односно за создавање на услови за слободни избори. Да нема недоразбирање, ако ДИК како институција добие услови тоа да го изведе на професионален начин, со употреба на знаењето на релевантни експерти и со почитување на стандардите и знаењето, сè е можно. Но, ако институциите кои се должни да им дадат поддршка и да им обезбедат релевантни податоци, доцнат или го опструираат овој процес, тогаш Избирачкиот список не може да се прочисти. И порано имаше обиди да се стори тоа, но тие обиди беа осуетени од политичките структури – нагласува Дерала.

Дирекцијата за заштита на лични податоци по неколкудневната можност за проверка на неправилности во Избирачкиот список, донесе решение со кое и забрани на ДИК да ја користи апликацијата, бидејќи на тој начин граѓаните можеле да добијат податоци за живеалиште и други податоци на граѓаните. По тужба на ДИК, на 5 мај, Управниот суд го укина решението на Дирекцијата како незаконито, донесено без спроведена постапка и инспекциски надзор и им наложи да направат точен надзор, па откако ќе ги утврдат сите факти да донесат одлука. На 26 мај, неколку дена по носењето на одлука за одлагање на изборите кои беа закажани за 5 јуни, државната изборна комисија повторно го врати списокот на својата веб страница и можноста да се пребарува низ него, постапувајќи по пресудата на Управниот суд.

Вкрстената проверка на базите на податоци од десетина институции требаше да почне веднаш по потпишување на Договор од Пржино, но таа доцнеше неколку месеци. Ажурираниот Избирачки список по проверка на базите на институциите: МВР, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за труд и социјална политика, УЈП и други државни институции требаше да биде објавен на 17 април за предвремените избори кои беа закажани на 5 јуни.

ДИК ЌЕ МОРА ДА НАПРАВИ ЧИСТЕЊЕ НА СПИСОКОТ

На веб сајтот на Комисијата фигурира извештај на 20 страници, составен од Комисија предложена од 4-те партии и претставник од ИФЕС во кој се констатирани серија податоци кои би требало да се проверат.

Едно од прашањата гласи: да се утврди бројот на гласачи во секој изборен циклус по 2009 година, кои биле на возраст кога се додадени на списокот, а ги нема во базите на другите институции, за да се види дали тој природно се дополнувал со стекнување на полнолетство, или влетувале „фантомски гласачи“ на различни возрасти, но без посебно објаснување. Биле добиени следниве бројки: регистрирани се 2.676 такви гласачи, од кои, двајца не се распоредени на избирачко место. Најмногу такви гласачи има во ИЕ 6- 896. По неа следуваат ИЕ 5 со 691 гласач, единицата и двојката со речиси приближни бројки од околу 370 и ИЕ 3 со најмалку такви гласачи, 138.

„Во некои случаи, зачестеноста на идентификуваните лица на разни локации ќе помогне да се види до кој степен бил ефективен тестот во потенцирањето на лицата за кои има сомнителни записи на податоци, во споредба со очекуваната ниска и релативно униформна распределеност на добиените записи за избирачкиот список која исто така е добиена. Тоа, исто така, може да биде корисно при определувањето на ефективна стратегија за теренскиот преглед“ – пишува во извештајот потпишан од претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, но ни во овој, ниту како одговор на новинарски прашања, ДИК не ги дава резултатите од теренските проверки спроведени по вкрстување на податоците.

При компјутерските споредувања на податоците, ИТ експертите во ДИК пронашле и 3.334 лица кои се јавувале на две адреси, кои како привремени гласачи се префрлале од една на друга адреса. Дополнителен проблем со чистењето на списокот даде и самото МВР, кое, поради технички министер и дополнителен заменик, доставуваа различни податоци и списоци. МВР покрена постапка за поништување на лични карти кои биле издавани без правен основ и запазена постапка во управните служби на МВР, но по смената на техничкиот министер Оливер Спасовски, не можат да се добијат податоци колку лични карти се поништени и дали истите биле искористени за гласање и на колку изборни циклуси.

Без разлика на одлуката на Уставниот суд за суспендирање на одлуката за распуштање на собранието и одлагање на изборите, правните експерти се децидни дека ДИК нема законски пречки да продолжи да го прочистува избирачкиот список, кој е еден од главните елементи на Договорот од Пржино за спроведување на фер и демократски избори. Најавата од меѓународната заедница дека ќе се вмеша во процесот на прочистување на списокот е јасна и директна порака дека ДИК не ја завршила работата и декларативното „чистење“ на списокот кое им се „сервира“ не поминува, па затоа ќе вклучат „тутори“ во процесот.
*****
Прилогот е изработен во рамки на Проектот „Демографија – квалитет на живеење“ на НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование, Осми септември и Центарот за развој на медиуми, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество -Македонија.
Содржината на прилогот е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.

Би можело да ве интересира

Право на глас на вториот круг од претседателските избори имаат 1.814.317, а на парламентарните 1.815.350 избирачи

За претседателските избори во Избирачкиот список запишани 1.814.317 избирачи, за парламентарните 1.815.350

Горан Наумовски

Вкупно 4.527 лица направиле увид во Избирачкиот список во канцелариите на ДИК, а 13.056 по електронски пат

Демократски сојуз: Да се среди избирачкиот список

На локалните избори ќе може да гласаат 1 824 864 граѓани, ДИК вечерва го заклучи Избирачкиот список

А1он

ДИК треба да го заклучи Избирачкиот спсисок

А1он