Медиумските работници од Медиа принт Македонија од денеска, денот на македонското новинарство, стапуваат во штрајк поради не исплаќање на платите од страна на менаџментот на компанијата.
– Штрајкот беше неопходен, меѓутоа изнуден бидејќи ние со месеци наназад не можеме да оствариме контакт и соработка со нашите претпоставени. Сега дознавеме дека во компанијата влегле истражители од СЈО меѓутоа тоа нема врска со нас, едноставно се поклопиле работите, тие си ја вршат својата работа, рече претставникот на синдикатот на новинари од Утрински весник, Љубиша Станковиќ.
Вчера, компанијата „Орка Холдинг“ соопшти дека бизнисменот Јордан Камчев го продал својот дел од Медиа принт Македонија и сега единствен сопственик останува Срѓан Керим.
– Жално е што преку медиуми дознаваме дека компанијата „Орка Холдинг“ заминала во време кога се обидуваме да преговараме. Минатата недела бил одржан состанок во компанијата со главните уредници, каде бил присутен и господинот Јордан Камчев како еден од ко-сопствениците на МПМ, вели Станковиќ.
Менаџментот на МПМ имал донесено одлука за излегување на „Орка Холдинг“ од МПМ уште на 12 декември, односно еден ден после парламентарните избори, а на 31 декември тие дефинитивно излегле од компанијата. Медиумските работници од МПМ овие денови ќе страјкуваат 4 часа, а од понеделник времетраењето на штрајкот ќе се зголеми на 6 часа.
– Весниците ќе излегуваат, ќе работиме сите како до сега чесно и професионално. Поддршка имаме и од другите работни единици на МПМ, но бидејќи тие немаат донесено формално правна одлука тие се на работните места, рече Станковиќ додавајќи дека тие како вработени сакаат да седнат на преговори за да се решат проблемите, но кога тоа ќе се случи зависи само од менаџментот и сопствениците на компанијата.
Како организатор на овој штрајк стои Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници од каде велат дека ова е прв пат да биде организиран штрајк на новинари по закон и дека е најважно медиумските работници да си ги добијат своите плати.
– Одлуката за штрајкот е донесена пред две недели, денеска почнува, причината за штрајкот е доцнењето на платите повеќе од една година како и револтот кај новинарите поради тоа што раководството одбива да разговара на таа тема за да се реши овој проблем, вели Владо Апостолов.
Виктор Јованов