Медиумски хаос од дезинформации, лажни вести и борба за „кликови“ со заболените и починатите од Ковид-19

Од:

„СТРАШНО, ЕКСКЛУЗИВНО И ШОКАНТНО, дознаваме неофицијално дека денеска има 60 нови заболени од Ковид-19“ стана речиси секојдневна практика во дел од медиумите откако земјава се соочи со пандемијата на коронавирусот. Под превезот на „ексклузивно дознаваме“, „рекорден број новозаболени“ и слични бомбастични наслови, дел национални телевизии секојдневно собираа кликови на сметка на бројката на заболени и починати, и покрај фактот што уште на почетокот на пандемијата, во февруари годинава, на состанок меѓу владини претставници и уредници на медиуми, беше договорено дека за вакви сензитивни теми ќе се објавуваат единствено официјални податоци.

Првата редакција што го прекрши ова беше телевизијата Алсат-М. Секојдневно, им беа „потшепнувани“ бројките на новозаразени и починати. Како течеше процесот – телевизијата објавуваше неофицијални информации, а кога ќе стигнеа официјалните, стариот текст беше само „преклопуван“ со новиот и со точните податоци, па оттаму и му се губеше секаква трага.

На 26 мај годинава, Алсат-М објави дека има 16 заболени лица од Ковид – 19, а дека нема смртни случаи.

За жал, се испостави дека некој им дал погрешна информација, односно произлезе дека дента се регистрирани 3 смртни случаи од коронавирусот. На истиот линк беше копирана новата информација, но веќе помина околу еден час, па сите читатели кои за тоа време го прочитале стариот текст, беа доведени во заблуда и дезинформирани.

(Дез)информациите, и покрај ова, продолжија да се шират. Бројките за починати и новодијагностицирани станаа само тоа – обична бројка, а не туѓи животи. Па така, дел медиуми почнаа да објавуваат и бројки со „над“, „околу“, „неофицијално“, , нешто што воопшто не ја дололува реалната слика, без притоа на пример, да се знае колку тестови се направени, дали станува збор за тестирања од скрининг, дали станува збор за кластери, асимптоматски случаи и сл.

Подолу е текстот на официјалната Фејсбук страница на телевизијата „Канал 5“ од 31 мај, каде што првично се излегува со информација дека бројката на новозаразени може да достигне над 80 лица.

Подоцна, истиот медиум дознава дека бројката најверојатно е 62 лица, па го менува текстот. Сето ова се случува пред Министерството за здравство да излезе со официјалните бројки. Овојпат, бројката навистина беше таа, но беше погодена од вторпат – 62 новозаболени од Ковид-19 за еден ден.

Телевизијата „Канал 5“ речиси секојдневно, уште рано изутрина излегуваше со податоци кои не се прецизни, а притоа истите беа преземани од други медиуми, а со тоа и се зголемуваше стравот и паниката во јавноста, со оглед на тоа што се немаше комплетната слика за случувањата. А кога веќе еднаш веста ќе излезе во оптек, нејзиното ширење е тешко да се спречи, без разлика колку пати и да се повторат новите, точни бројки.

Последниот пример го имавме денеска, кога првично беа објавени податоци дека бројката на заболени ќе биде иста како и во текот на вчерашниот ден, меѓу 150-200.

И со овие вести граѓаните беа изманипулирани, со оглед на тоа што денешната бројка не е рекордна, односно изнесува 125 заболени.

Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) реагираше на тенденцијата на медиумите во последните денови да шпекулираат со број на новозаразени и починати граѓани како последица на коронавирусот.

„Потсетуваме на првиот член од Кодексот на новинарите што наложува информациите да бидат точни и проверени. Имајќи предвид дека се работи за исклучително чувствителни вести, поврзани со здравјето и со животот на граѓаните, одговорноста во информирањето би требало да биде максимална, а пристапот професионален и ослободен од сензационализам или битка за ексклузивитет,“ велат од таму.

СЕММ истовремено апелира до надлежните да престанат со неофицијални брифинзи што апсолутно не помагаат во креирањето на здрав и одговорен јавен дискурс.

Здружението на новинари на Македонија се уште се нема огласено во однос на оваа тенденција.

За случајот денеска реакција имаше и министерот за здравство Венко Филипче, повикувајќи ги медиумите да се придржуваат до официјалните бројки, од официјални институции.

Но, она што треба да го напомене, е дека токму од Владата како и од државните институции, од функционери познати на речиси сите медиуми, се лиферуваат овие бројки кои внесуваат дополнителна забуна кај читателите и гледачите, па оттаму Владата е потребно да преземе мерки во своите редови, а со цел навремено и точно информирање, бидејќи и самата се заложуваше за спречување на ширење на лажни вести.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on