Покрај огромниот притисок од пациенти утрово многумина матични лекари добиле известувања итно да одат во Фондот за здравство за да потпишат казни за лекови кои ги издале со изминат рок на извештај од специјалист. Револтирани од негрижата на здравствените власти од каде во неколку наврати добиваа уверувања дека вакви казни нема да добиваат, како и од досегашниот игнорирање на проблемите со кои се соочуваат, матичните лекари се организираат за штрајк.
„Додека во цел свет во време на пандемија лекарите ги наградуваа, нашите власти и држава на лекарите кои секојдневно сме во првите борбени редови против короната и секојдневно се соочуваме со пациенти, ги прегледуваме и ги лекуваме, како награда за ризикот по сопственото здравје и здравјето на своите семејства, добиваме казни. Ако јас се прашувам, во моментов не сакам да работам ни минута повеќе во овој трул здравствен систем и еве јавно ќе кажам ајде еднаш сите да кажеме стоп за индолентниот однос од властите кон нас матичните лекари. Крајно време е за штрајк“, вели матичен лекар кој утрово бил повикан да попише казна оти во 2019 година дал лек врз основа на извештај од специјалист на кој му истекол рокот.
Голем дел од матичните лекари се согласни на штрајк и тоа без одлагање и покрај ширењето на новиот сој на коронавирус омикрон кој им ги преполнил ординациите. Велат дека казните ја прелиле чашата.
„Секаде во светот за хронична терапија пациентите имаат годишен извештај и со него си одат во аптека, само кај нас рокот истекува. Тоа значи пациентот повторно да го пратиме на специјалист, повторно да бара термин, да чека, да шета по ординации за да го добие лекот. Другата варијанта е да им кажеме да си го купат приватно оти за нас фрчат казни ако им го издадеме по извештајот што веќе го имаат“, се жалат лекарите.
Од Фондот за здравство официјален став за проблемот со казните на матичните лекари најавија за утре.