Матичните лекари апелираат пациентите утре, постпразнично, да не инсистираат по секоја цена да бидат прегледани и да им остават предност на оние со потешка слика. Останатите кои имаат симптоми на настинка лекарите апелираат да останат дома и да се изолираат додека стигнат на ред за преглед.
„И да сакаме сите да ги прегледаме утре тоа е невозможно и пациентите треба да имате разбирање прво тие со потешка слика па утредента останатите. Оние пациенти кои се со грлоболка и течење на нос како кај настинка не трчајте во ординации утре, ишмукајте некоја пастила и ставете капки во нос па во вторник ќе дојдете, ќе бидете и вие прегледани, но пак ќе речам првин оние со потешка слика. Изолирајте се и не одете на работа да ширите вируси. Останатата патологија не знам и колку ќе биде безбедно да доаѓате во ординациите на вашите матични лекари освен ептен ако не е нешто итно и неодложно. Ако имате потреба да дојдете закажете си претходно“, апелираше преку „Фејсбук“ матичниот лекар Драга Ѓорѓиевки од Скопје.
За него се чудни се предупредувањата од неговите колеги дека ќе капитулира примарното здравство оти, веќе тоа веќе било капитулирано бидејќи последните пет дена нема ординација во Скопје која има по најмалку 40 позитивни пациенти дневно, а некои и повеќе. Тој најавува дека утре матичните лекари нема да имаат време да одговорат на мобилните и фиксните телефони.
„Телефоните, фиксни и мобилни, утре ќе бидат во втор план и научете се дека во ваков хаос нема кој да ги опслужи телефоните. За жал тоа е реалноста. Колку и да е сурова, се предупредуваше за вакво нешто и се молеше да не се прават прослави, да се вакцинирате, да не одите во ординации по 5 пати туку се што имате да прашате тоа да биде со едно доаѓање , вие не не послушавте….“, вели лекарот Ѓорѓиевски.
Министерството за здравство и комисијата Ѓорѓиевски вели слават и од нив не очекува некакви мерки, а експертите кои зборуваат никој не ги есапи.
„Можеби хоспитализациите се стабилни засега, но омикронот ни ги направи амбулантите фебрилни болници. Грипот не сакам ни да го спомнувам. Ваква организација на системот нема нигде. Хаотичност до лудило. Јас само едно знам дека утре јас и моите колеги од примарно здравство излегуваме на бојни полиња да се бориме кој како знае и умее бидејќи правила на игра нема, а никој не застана зад нас. Нека им служи на чест за ова што го направија“, стои во објавата на лекарот.
Навалицата од пациенти кај матичните лекари почна пред Нова година, пред официјално бројките да почнат да скокаат. Лекарите велат дека работат деноноќно, а кога се дома одговараат на повици од пациентите кои во паника од омикрон бараат помош и за течење нос. Се работи главно за млади луѓе и речиси без исклучок, сите при прегледот признаваат дека се заразиле на некоја забава, седенка или концерт.