Од десетина учесници од сите основни училишта, македонскиот Мајкл Џексон, Матеј Ивановски од ООУ „Лазо Трповски“, кој за момент го оживеа познатиот светски поп пејач го освои првото место на овогодинешната манифестација „Карпош има талент“.
Во егзалтирана, но и натпреварувачка атмосфера, со овации и аплаузи, денеска во општина Карпош се избра „нај талентот“ за овогодинешната манифестација „Карпош има талент“.
Дека во Карпош живеат креативни и талентирани ученици, го потврдуваат многубројните спортски и културни активности, но, овој пат за тоа беше доказ талент- шоуто на кое продефилираа вистинки креативци и таленти во актерство, танц, свирење на гитара и сл. Традиционалната манифестација „Карпош има талент“, која се одржа по трет пат, по повод денот на Општината-3 ноември, на дело го истакна мноштвото дарби скриени во основците на територија на општина Карпош.
Со монологот „убавата Иванка“, драмски претставен од Марија Јанчевска од ООУ „Димо Хаџи Димов“, младата уметница присутните ги остави без здив. Извонредното дело прераскажано од ова мало девојче беше вистинско драмско доживување.
Соучениците пак на третонаградената Ања Давитковска од ООУ „Јан Амос Коменски“, со аплауз ја поздравија нејзината игра преточена во модерен танц на познати странски музички хитови.
Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски им ги додели победничките дипломи на тројцата победници на „Карпош има талент“ и ги покани да бидат гости на Свечената академија на Денот на Општината, 3 Ноември.