Реформите во правосудството биле во фокусот на разговорите што денеска во Брисел ги имал министерот за правда Бојан Маричиќ со европратеникот и претседавач на ЛИБЕ Комитетот, Хуан Фернардо Лопе Агулар и хрватскиот европратеник Тони Пицула.
Маричиќ, како што соопшти ресорното Министерство, ги потенцирал реформите во судството и се осврнал на проектот за дигитализација на судовите преку кој се дигитализирани над 100 судници.
– Тоа ќе придонесе за побрзи и поефикасни судски постапки, а правдата ќе може непречено да биде испорачана и при услови на пандемија, а со тоа ќе се заштити и здравјето на сите вклучени со процесите, се вели во соопштението од Министерството за правда.
Маричиќ информирал и за процесот на филтрација во правосудството што го спроведува Судскиот совет кој треба да придонесе кон враќање на довербата на граѓаните во правната држава. На состаноците биле претставени и деталните планови за борба против корупцијата.