Судот во Кавадарци испиша историја во државата и пошироко во однос на дигитализацијата и модернизацијата, истакна денеска министерот за правда Бојан Маричиќ кој за време на работна посета на Кавадарци, го посети Основниот суд во градот – прв во земјава каде што се одржа целосно онлајн судење.
-Драго ми е и се чувствувам посебно горд од денешната посета на Основниот суд во Кавадарци, суд со проширена надлежност. Имав задоволство заедно со претседателот на судот, судија Лазар Нанев, да видам во кои услови, во какви услови работи судот во Кавадарци, како се опремени судниците. Знаете дека токму овде во текот на вонредната состојба, минатата година, се одржа првото онлајн судење во државата. Во такви вонредни услови и тешки услови и затоа мислам дека на некој начин, судот во Кавадарци, треба да биде мотив, пример и инспирација за сите судови во државата, да тргнат на патот на модернизацијата, на патот на што поголема ефикасност и подобар квалитет на испорачување на правдата и патот на доследно спроведување на законот и заштита на странките во постапките, така како што бараат современите европски стандарди, рече Маричиќ.
Тој посочи оти имал можност да види колку многу е направено и за амбиентот и за условите и од техничките предуслови, овозможени со меѓународна помош и од амбасадата на САД, но и од други донатори.
-Но исто така видов дека целиот потфат на модернизација на Основниот суд во Кавадарци е правен пред се на иницијатива на претседателот Нанев и на вработените тука, што е особено важно кога ќе се покаже таков тимски дух и таква љубов кон професијата и љубов кон институцијата. Затоа мислам дека навистина тоа заслужува и признание и уважување и заслужува да се изнесе јавно, за да послужи како пример инспирација за другите судови, рече министерот.
Тој додаде дека би сакале и да го означат на овој начин процесот на дигитализација, почетокот на процесот на дигитализација на којшто работат веќе подолго време.
-Меѓутоа, продолжуваме после оваа посета да работиме уште повеќе и да го промовираме процесот на дигитализација на судовите низ државата, како еден процес којшто треба да донесе современи услови за работа на судството, негова поголема ефикасност, негова поголема прецизност и се разбира, доследно почитување на законот и во интерес на странките и на граѓаните, кои очекуваат да има поефикасно и подобро судство за да се зголеми јавната доверба во него, рече Маричиќ.
Министерот додаде дека и Европската унија дава поддршка на процесот на дигитализација и на процесот којшто следува, а тоа е дигитализација на повеќе судови низ државата.
-За тоа правиме и законски претпоставки, постои веќе предлог измени на Законот за парнична постапка, кои даваат вакви насоки, даваат можности да ова профункционира насекаде низ државата и практично да овозможиме во 21 век, во услови на пандемија, судовите непречено да функционираат, работејќи си ја својата работа квалитетно и одржувајќи ја јавната доверба, рече Маричиќ.