Биомедицински истражувања и истражувања во врска со ширењето на вирусот Ковид-19 и влијанието на нефармацевтските интервенции во Македонија, се дел од проектите на кои во моментов работи Македонската Академија на Науката и Уметностите (МАНУ).
Од Академијата соопштија дека работат и на економски истражувања, со посебен осврт на монетарните политики и на осигурувањето на стабилноста на македонскиот финансиски систем, и на фискалните политики во времето на глобалната пандемија и нејзините влијанија во Македонија, како и на истражување поврзано со геополитичките, општествените и економските последици од пандемијата од Ковид-19.
Резултатите од истражувањата, велат МАНУ ќе се објавуваат тековно, дневно и неделно, како што ќе пристигаат, на веб-страницата на Академијата, во дневниот печат и на други јавно достапни портали, во државата и надвор од неа.
-Претседателството на МАНУ, на 512. седница, одржана денеска, упати соопштение до јавноста за научен осврт и анализа на состојбите во врска со пандемијата од Ковид-19, во согласност со општествената одговорност на МАНУ, а заради обезбедување соодветен научен придонес во институционалните напори за справување со оваа пандемија, соопштија од Академијата.
Информираат дека ќе работат и во претстојниот период, на истражувања поврзани со пандемијата од Ковид-19, со користење холистички пристап, интегрирајќи ги природните, техничките, општествените и хуманистичките науки, но и уметностите.
МАНУ, по предлог на Одделението за медицински науки и на Одделението за општествени науки, до Владата на Република Северна Македонија испратиле предлози со конкретни мерки за справување со последиците од кризата во јавното здравство и во економијата.