По претседателот на Собранието Талат Џафери, за настаните во законодавниот дом на 27 април лани, попладнево во Кривичниот суд сведочи министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски.
Одговарајќи на прашањето на обвинителот Дарко Јакимовски, Манчевски рече дека настаните почнале по завршувањето на прес-конференцијата за изборот на Џафери за претседател на Собранието.
Посочи дека слушнал кршење на стакло по ходниците и доаѓање на луѓе од кои некои со фантомки. Рече дека му бил удрен бокс и дека му бил скршен носот.
– Маваа по нас, некои со раце, некои со сталаци за камери, со столици, со компјутери. Тоа траеше два и пол часа. Села беше на крајната лева страна од групата пратеници кои бевме во ќошот од прес-центарот, рече Манчевски.
– На 10 до 15 метри од мене видов на земја како лежи човек и го маваат со клоци и тупаници, а тој се помрднува од ударите. Тие ја прославија наводната смрт на господинот Села. Врзуваа и кабли како бесилки за да ни испратат порака дека следни сме ние, кажа Манчевски.
Слушнале извици за закани, дел упатени конкретно за лица по име, а дел генерално за сите. Се слушало „убиј го Села, убиј го Заев, убиј ги предавниците“.
Претходно, Талат Џафери кој беше прв сведок за нападот врз пратеникот и лидер на Алијансата за Албанците Зијадин Села во Парламентот, во судницата препозна пет лица кои учествувале во насилствата во Парламентот на 27 април.
Тој ги препозна Стојан Павлевски, Андреј Мицов, Николче Димитриевски, Кире Ѓорѓиевски и Оливер Ошаковски. Џафери посочи дека тие меѓу првите влегле во прес-центарот на Собранието на Република Македонија и ги нападнале пратениците.
Џафери рече дека лицата кои насилно влегле во Собранието и собранискиот прес-центар се заканувале дека ќе ги убијат сите и оти никој нема излезе.
На денешното рочиште за нападот врз Села треба да сведочи и пратеникот Александар Кирацовски.