Претставници на медиумски здруженија и асоцијации и засегнати институции денеска упатија низа прашања и укажаа на одредени дилеми за реформите во медиумскиот сектор на јавната дискусија организирана денеска од страна на Министерството за информатичко општество и администрација.
Министрите за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски и за министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски потенцираа дека предлог-законските измени треба да бидат сублимат на потребите и стручните ставови на медиумските експерти, новинарите, медиумските асоцијации, граѓанското општество и меѓународната заедница.
– Слободните медиуми се дел од нашите заложби за одговорна власт и за контрола на власта, истакна Манчевски. Една од целите е јавниот радиодифузен сервис да биде целосно непристрасен и независен медиум, а регулаторните тела, да бидат, пред се, транспарентни и компетентни. – Радиодифузерите треба да имаат еднаков третман во насока на развивање здрава конкуренција помеѓу медиумските куќи, рече Манчевски.
Ја потенцираше заложбата на Владата за целосно и доследно почитување на законите за авторски права и регулативите за откупување на телевизиски права за емитување на програми на територијата на Македонија. МИОА, рече Манчевски, ги има предвид сите препораки од Извештајот на Прибе и пакетот за итни демократски форми.
Владата, според министерот, има намера да ги прекине сите финансиски текови од страна на буџетот кон комерцијалните медиуми со цел да се обезбеди целосна комерцијализација на медиумскиот пазар во Македонија. Побара еснафските здруженија да ги соопштат своите предлози во контекст на намалување на задолжителните програмски обврски што ги имаат медиумите. – Постои простор за измена на оваа регулатива, рече Манчевски.
Намерата е МИОА повеќе да не ги финансира комерцијалните радиодифузери во делот на субвенционирање за програмски содржини во вредност од 33 милиони денари. – Но, од друга страна сме отворени за предлози што ќе значат намалување на обврските што ги имаат медиумите за сопствена продукција, рече министерот Манчевски.
Првиот приоритет во планот 3-6-9, како што посочи министерот Поповски, е Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, додека фокусот е насочен кон Агенцијата за медиуми и јавниот радиодифузен сервис.
– Потребно е во телото што врши регулација да има експерти, да нема луѓе поврзани со политички партии и кои ја познаваат медиумската индустрија, смета Поповски. Вториот клучен момент, како што кажа, е позицијата на јавниот радиодифузен сервис кој реално ќе ги пренесува состојбите во државата и ќе пренесува релевантни информации. – МРТВ треба да биде буџетски безбедна да нема финансиски проблеми. Токму заради тоа е укинување на радиодифузната такса, јавниот сервис ќе биде на буџетско финансирање, рече Поповски.
Одговарајќи на прашања на присутните министерот Поповски објави дека во рамки на Кабинетот на премиерот и на Генералниот секретаријат на Владата се прави сектор за информации и односи со јавност.
– Тоа е тим на луѓе што би требало да брои околу четириесет луѓе поделени во шест одделенија и коишто би требало да овозможат начин на комуникација по принципот на најсовремените форми на комуникација во европските практики. Овој тим лесно ќе соработува и со оние сектори во министерствата, а можеби и во побитните буџетски установи и претпријатија ќе има такви мини одделенија, бидејќи е неопходно граѓаните да знаат како функционираат на пример Управа за приходи итн. Овој тим ќе има двојна улога да ги презентира политиките на Владата, на кабинетот на премиерот и на министрите и исто така да комуницира тесно помеѓу себе, но и кон граѓаните, рече министерот Поповски.
Овој тим, како што кажа тој, треба да го подготви целиот пакет мерки за комуникација со граѓаните. – Редовни неделни брифинзи со новинарите, достапност на веб-страниците, граѓаните да можат да се информираат за начинот на работа на институциите, но и за трошењето на буџетските пари. Ќе работиме максимално отворено, не само тендерските постапки, ќе бидат објавувани и договорите од тендерите јавно и транспарентно, освен оние што се деловна тајна, рече Поповски.
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани, но и други учесници на дискусијата упати забелешки за начинот како да се обезбеди независност на МРТВ притоа посочувајќи дека се недоволни средствата за јавниот радиодифузен сервис предвидени со ребалансот на Буџетот, но и со начинот на избор на директор и уредник на МРТВ.
Директорот на Агенцијата за медиуми Зоран Трајчевски побара текст на предлог-закон врз основа на кој институциите и организациите ќе можат да достават забелешки до претставниците на Владата. Дециден е дека јавниот радиодифузен сервис не треба да се финансира од буџетот и оти со тие средства нема да се подобри независноста на МРТВ.
Поголем дел од забелешките на учесниците во дискусијата се однесуваа токму на работата и финансирањето на МРТВ, но беше потенцирано и дека треба да има некаква регулација за порталите и онлјан медиумите со што би се овозможило дефинирање на правилата на игра во овој дел од медиумскиот простор.
Поповски беше дециден дека Владата нема намера да го смени главниот и одговорен уредник на МРТВ.
– Затоа во Предлог-законот основата на текстот е оној што веќе беше предложен во Собрание, изјави министерот, појаснувајќи дека доколку извештај на ОБСЕ/ОДИХР констатира неизбалансираност при информирање на јавниот сервис за време на изборен процес тогаш тоа е услов Владата да може да поднесе предлог до Собранието за разрешување на првиот човек на МРТВ, рече Поповски.
Во однос на буџетот на МРТВ, кажа дека тој е само до крајот на годината и оти се уште се прават анализи.
Министерот Манчевски потврди дека предвидено е реформите да се одвиваат фазно и оти во некои делови треба да се почека на извештајот на експертската група на Прибе.