СДСМ се однесува несериозно и политизира случаи на криминал и корупција, обвини Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на обвинувањата дека партијата стои зад директорот на Државниот инспекторат за земјоделие, кој беше уапсен под сомнение за примање мито од 50.000 евра.
„СДС се радува како мало дете кога ќе се појави случај на криминал, особено ако се обиде да го поврзе со ВМРО-ДПМНЕ. Наместо принципиелност, тие покажуваат двојни стандарди“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според него, СДСМ не се дистанцирал од случаи кога лица поврзани со нив биле осомничени за криминал.
„Кога се апсеа нивни функционери, како Артан Груби, не слушнавме осуда или оградување, туку само одбрана“, истакна Манасиевски.
Во изјавата, тој го спомена и поранешниот премиер Зоран Заев, оценувајќи дека СДСМ не побарал одговорност ниту за него, иако, како што рече, постојат компромитирачки материјали.
Манасиевски го посочи и актуелниот лидер на СДСМ, тврдејќи дека постојат „индикации за одговорност“ во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица.
„И покрај тоа, СДСМ не бараше одговорност, туку го избра за свој претседател“, рече тој.
Тој нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен:
„Секој што се огрешил пред законот, без разлика дали е од СДС, ВМРО-ДПМНЕ или друга партија, мора да одговара. Законот важи за сите и нема привилегирани“, изјави Манасиевски.
