ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, без опозицијата ги изгласаа измените во Законот за градење.
Опозицијата жестоко реагираше бидејќи со нив велат, се одземаат ингеренциите на локалната самоуправа.
„ Груевски самиот си избра да уништува многу категории, а сега и архитектите. Тој , како градоначалник и главен архитект, се реши да ни го обликува грдаот како што замислил, да личиме на една барокна творевина. Барате, архитект за да добие лиценца за градби од прва категорија(споменици, меморијални споменици) мора да биде магистер, ама ако треба да се гради барок и да се перат пари, за тоа нема критериуми. Си нарачувате политички архитекти. И за туристичките развојни зони не одлучуваат општините туку министерот“, рече Jани Макрадули.
Кога треба барокна влада нема критериум, а за да отвори фирма, рече, му барате магистрира. Ги девалвирате студентите.
Туристичките развојни зони, укажа исто мора да ги прават магистри, а не може инженер со 20 годишно искуство, и тоа, рече, го правите за да ги одвоите ингеренциите од општините
„Ова решение води кон Парадоксот на Диоген Втор дел“, рече Макрадули.
Павле Саздов, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ реплицираше дека со измените се врши само усогласување на сегашните дипломи со претходните . Укажа дека не се дискриминираат приватните факултети.
Горан Мисовски рече дека власта сака да ги одземе ингеренциите бидејќи, рече, знае дека ќе ги загубат изборите во некои општини. Ги повика да се оди на избори и побара од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да не глумат патриоти, и навидум да се караат за Законот за бранители, за билдање на рејтингот, а кога се работи за интерес да имаат соживот и единство.
Опозицијата реагираше, но власта и без нив ги изгласа и измените во Законот за просторно и урбанистичко планирање.
„Доколку некоја „фаца“ сака да приграби земја за казино, ќе му дозволат пренамена на земјоделското во градежно земјиште и ќе си изгради казино. Политиката во земјоделството ви е само декларативна. Наместо житници ќе никнат казина“, рече Макрадули.