Младите македонски ученици – информатичари постигнаа нов одличен успех освојувајќи три бронзени медали на 11. Јуниорска балканска олимпијада по информатика, која се одржува од 7 септември до денеска во Софија.
Медалите за Македонија на ова натпреварување ги освоија Даријан Шеќеров од Скопје, Благоја Овезоски од Прилеп и Кристина Тасева од Скопје, а четвртиот член на македонскиот тим беше Благојче Павлески од Прилеп, соопшти Здружението на информатичарите на Македонија.
Тимот беше раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија, а оваа година се одржуваше по 28-ми пат.
На годинешната Јуниорска балканска олимпијада по информатика учествуваат тимови составени од најмногу четири натпреварувачи – ученици до 15,5 години, од следните девет балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија, Србија и Словенија.
По примерот на досегашните јуниорски балкански олимпијади, оваа година прв пат се организира и Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ), која се одржува заедно со ЈБОИ 2017 во Софија.
Во исклучително силната конкуренција, покрај трите освоени медали на јуниорската балканска олимпијада, македонскиот тим освои и еден бронзен медал на ЕЈОИ 2017. Освојувач на медалот е ученикот Даријан Шеќеров.
Примарна цел на овој значаен и елитен едукативен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на возраст до 15,5 години да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето.
Секоја земја на олимпијадата учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик-лидер на тимот.
Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми.
На оваа европска олимпијада учествуваат вкупно 85 ученици од 22 европски земји. Балканските земји, кои истовремено учествуваат и на двата паралелни настани, се претставени со истиот тим и на едниот и на другиот настан.
– Овој успех на нашиот тим уште еднаш потврдува дека Македонија има подмладок кој поседува знаење со кое што може да се носи рамо до рамо со врсниците од цела Европа, и дека професорите од Здружението на информатичарите на Македонија кои волонтерски се вклучени во организирањето на македонските натпревари и подготовката на учениците успешно ги подготвуваат за интернационалните натпревари, се нагласува во соопштението.
Овогодинешното учество на овие натпревари е помогнато од Фондацијата Телеком за Македонија, која ги покри патните трошоци на македонските натпреварувачи.