Македонскиот дипломатски синдикат реагира, на како што велат оттаму, непочитување на две препораки на Владата за ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се бремените жени и хронично болни лица.
-Првата препорака се однесува на периодот 21-24 јули и целосно не беше испочитувана. Со втората препорака овој период беше пролонгиран до 27 јули. МНР само делумно ја испочитува втората препорака на Владата и ги ослободи ранливите категории од обврска за доаѓање на работа само на 26 и 27 јули оваа година, велат од Синдикатот.
Додаваат дека се обратиле до министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговите соработници уште на 1 јули со молба да се имаат предвид временските услови и жештини карактеристични за овој период и да се обезбеди соодветна заштита или ослободување од работа на ранливите категории вработени, како што се бремените жени, хроничните болни, вработените над 60-годишна страрост.
-За жал, не само што барањата на МДС упорно не се земаат предвид, туку не се почитуваат ниту препораките на Владата. Не разбираме од каде ваква нехуманост и непрофесионализам? Не толку одамна, нас не напушти драг колега поради ненавремени и несоодветни мерки за заштита од КОВИД 19. Дали треба колешки и колеги да почнат да паѓаат по скали за да МНР ја разбере својата одговорност за здравјето на вработените во работно време?, велат од Синдикатот.