Кражбите на велосипеди се секојдневна појава во Македонија, и голем проблем со кој се соочуваат велосипедистите. Сопствениците на велосипеди иако одлучиле да не ја загадуваат околината со автомобили или да не го користат јавниот превоз секојдневно се соочуваат со оваа ситуација.
Единствениот начин на кој може да се заштити велосипедот во Македонија е користењето на катанец или ланец. Отпорноста на овие катанци се мери со времето кое му е потребно на крадецот да ги пресече. Во европските држави ситуацијата е поразлична, а сопствениците на велосипеди освен можноста за заклучување, имаат можност преку осигурителните компании да ги осигураат своите велосипеди.
Ниту една од осигурителните компании во Македонија не им овозможува на сопствениците на велосипеди истите да ги осигураат. Од Триглав осигурување велат дека немаат таков вид на осигурување во нивната ставка, а досега никој не им се обратил за ваков тип на осигурување. Како пример, истата осигурителна компанија во Словенија обезбедува осигурување кое е наменето за физички лица, сопственици и корисници на велосипеди или електрични велосипеди кои со закон не треба да се регистрирани.
Овие осигурувања најчесто покриваат осигурување од незгода и по избор, каско осигурување, одговорност на осигурителната компанија кон велосипедистот и асистенција за велосипедот и возачот. Исто така каско осигурување нуди и велосипедскиот совет на Словенија.
За жал иако во светот осигурувањето на велосипеди е редовна практика, во Македонија тоа не постои објаснува генералниот секретар на Велосипедската федерација на Македонија Сашо Ванчевски.
„Ние располагаме со прилично скапи велосипеди и имаме потреба и интерес да ги осигураме“, вели Ванчевски.
Ели Бојаровска, од Уника Осигурување, вели дека досега кај нив никој не се има појавено да побара осигурување на велосипед. Според неа, најголем проблем е менталитетот и малиот процент на луѓе кои возат велосипед, а со тоа и незаинтересираноста за осигурување на истиот. Сепак доколку има заинтересираност на пазарот би се вовел и ваквиот тип на осигурување.
Во Хрватска оваа осигурителна компанија нуди опција за осигурување на велосипедот во склоп на проширеното осигурување на домаќинства.
Малиот процент на луѓе кои возат велосипед во Македонија е последица на лошата инфраструктура во градовите која не им овозможува на велосипедистите непречено да се движат.
Иницијативата Критична маса скоро една година се бори за подобро велосипедско Скопје. Градот не е пријателски велосипедски град според градските политики, планирањето, изведбата на улиците и општата сообраќајна култура која го третира овој вид на сообраќај. Оваа несовршената состојба е причина заради која тие реагираат и се собираат.
Љубиша Кондев од велосипедското друштво Енерџи за А1он коментира дека осигурителните компании во Македонија не осигуруваат велосипеди затоа што не сакаат да превземат ризик. Ситуацијата е дека велосипедите во Македонија често се предмет на кражби, па затоа најверојатно осигурителните компании не воведуваат ваков тип на осигурување.
„Во Македонија уште 100 години нема да има велосипедско осигурување“, вели Кондев.
Темјана Поповска