Македонија слави 25 години самостојност

Од:

Република Македонија денеска одбележува 25 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.

Во изминатите 25 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури. Последниве две години ги одбележува и политичката криза која предизвика застој во процесот на евроинтеграциите, а се очекува да биде надмината со исполнување на Договорот од Пржино, декемвриските избори, и итните реформски приоритети.

И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокира приемот.

Во 2005 година Македонија доби статус на земја – кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и годинава. Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.

По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, делегација на Владата на РМ предводена од вицепремиерот Владимир Пешевски и собраниска  делегација, во состав  Љупчо Димовски, Даниела Рангелова, Лидија Димова и Роза Топузова-Каревска, ќе положат цвеќе на споменикот „Паднати херои за Македонија” во паркот „Жена борец“. Цвеќе ќе положат и партиски, општински и граѓански делегации.

Ден на независност 25 години

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе биде врачена државната награда „8-ми Септември“, која оваа година ќе се додели по петти пат, а е поделена во две категории – за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот, а се доделува на спортисти, тренери и спортски работници.

Одборот за доделување на наградата „8 Септември“ ќе врачи една награда за животно дело и четири за остварување во областа на спортот во 2016 година. Добитници на државната награда годинава се Андон Дончевски, Агим Ејупи, Сашко Поповски, Добре Маринков и фоти Ѓатовски.

Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која ќе му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на десет просечни плати во Република Македонија.

Во пресрет на државниот празник 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, синоќа во Македонскиот народен театар  се одржа свечена академија на која се обрати претседателот Ѓорге Иванов.

Свечената академија, по која следуваше и концерт со револуционерни песни, е централен настан во програмата на Владата на РМ за  одбележување на 25-годишнината од осамостојувањето.

Во чест на денешниот празник синоќа се одрќа и манифестацијата „Бела ноќ“ која на граѓаните им овозможи бесплатен влез во националните и локалните институции од културата низ Македонија.

Националните и локалните установи од културата понудија  различни содржини во Белата ноќ која покрај во Скопје, се одржа и во другите градови низ земјава. Редовната „Бела ноќ“ во главниот град ќе биде на 1 октомври, како и во европските метрополи.

Одбележувањето на 25-те години независност почна во саботата со изложба на плоштадот „Македонија“ организирана од Државниот архив на Република Македонија, на која беа претставени сите значајни настани во државата во изминатите две и пол децении.

Би можело да ве интересира

Косово одбележува 16 години од независноста

А1он

Шкотска пак ќе гласа за независност, предложен закон за нов референдум

Жарко Настоски

Британските лабуристи поддржуваат нов референдум за независност на Шкотска

Косово одбележува 11 години независност

Цариградскиот патријарх со одлука за признавање на Украинската црква

Кристијан Ландов

Џафери: Пред 27 години во Собранието поставени стратешките цели на Македонија – евроатлантските интеграции

Наум Локоски