Македонија е на 43. место од вкупно 177 земји на листата на индексот на економски слободи за 2013 година и е најдобро рангирана од земјите во регионот. Според вкупните резултати од 43 земји во Европа државата е рангирана на 21 место што е над просекот за регионот и светскиот просек.
Според денеска објавените резултати од годишното истражување што го прави американската фондација „Херитиџ“ и весникот „Волстрит џурнал“, Македонија се наоѓа во групата на главно умерено слободни економии. Во оваа група се земјите рангирани од 36. до 79. место.
По Македонија следи Албанија која е на 58 место, Бугарија на 60, Турција на 69, Црна Гора на 70, Словенија на 76, Хрватска 78, Србија 94 место и БиХ 103. Грција со 55,4 индексни поени е на 117 место и е најлошо рангирана од земјите во регионот. Косово не е вклучено во листата.
Како што е посочено, со 68,2 индексни поени и 43. место Македонија бележи умерено опаѓање во однос на претходната година за 0,3 поени. Опаѓање има во монтерните слободи, слобода од корупција и слобода на пазарот на трудот. Забележани се и мали подобрување во контролата на владините трошоци и слободата во трговијата.
– Македонската транзиција кон поотворен и флексибилен економски систем е олеснета од суштествени реформски мерки во изминатите 10 години. Покрај одржувањето на макроеконсмска стабилност таа постигна значаен прогрес во раст на приходите и намалување на сиромаштијата. Конкурентниот рамен данок и прифатливиот режим на трговија поддржан од релативно ефикасна регулаторна рамка го охрабри развојот на растечкиот претприемнички сектор, се наведува во текстот за земјата.
Понтаму, се посочува оти имплементацијата на длабоки институционални реформи е особено важна за јакнење на економските слободи и креирање на подинамичен и долгоречен економски раст. Системски слабости, како што е наведено во анализата, се уште постојат во однос на заштитата на правата од сопственост и примената на антикорупциски мерки. Има слабости во правосудниот систем, кој е поткопан од корупција и поддложен на политичко влијание.
Инаку, Хонгконг 19-та година по ред е прогласен за најслободна економија во светот со 89,3 индексни поени од можни 100. На второ место во рангирањето со 88 поени е Сингапур. Меѓу петте лидери кои имаат над 80 индексни поени се, исто така, Австралија, Нов Зеланд и Швајцарија. Следуваат Канада, Чиле, Маурициус, Данска и САД. Континентална Кина е на 136-то место, а Русија на 139-то место од вкупно 177 земји опфатени со истражувањето. Последните три места припаѓаат на Зимбабве, Куба и Северна Кореја.
Рејтингот се определува врз основа на оценки по 10 основни категории, кои го земаат предвид степенот на економската и трговската слобода, отвореноста за инвестиции, мешањето на државата во економијата, како и факторот корупција.