Генералното собрание на Обединетите нации со големо мнозинство го осуди повеќедецениското економско ембарго на САД врз Куба. За резолуцијата гласаа 165 држави, 12 беа воздржани, а седум – меѓу кои САД, Аргентина, Украина, Унгарија и Македонија – гласаа против.
Ова е 33-та година по ред како ОН го осудуваат американското ембарго. Минатата година, 187 земји гласаа „за“, само САД и Израел „против“, а една земја воздржана. Иако ваквите резолуции немаат правно обврзувачки карактер, тие традиционално се сметаат за показател на светското јавно мислење.
Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, во интервју за Асошиејтед Прес изјави дека САД вршат притисок врз други држави, особено европски, за да гласаат против резолуцијата.
Како одговор, портпаролот на Стејт департментот порача дека „кубанскиот режим не заслужува поддршка од демократските сојузници на Америка“, обвинувајќи ја Хавана за корупција, некомпетентност и репресија врз сопствениот народ.
Пред гласањето, американскиот амбасадор во ОН, Мајк Валц, ја нарече резолуцијата „политички театар“ и повика земјите-членки „да престанат да го смируваат режимот“ и наместо тоа да му испратат порака дека Куба треба да преземе одговорност за своите економски проблеми.
Кубанскиот претставник Родригез одговори дека забелешките на Валц се „груби и одвратни“, додавајќи:
„Господине Валц, ова е Генералното собрание на Обединетите нации, не разговор на Сигнал, ниту Претставнички дом.“
На тоа Валц реплицираше:
„Добро сум свесен каде зборуваме. И ова не е ниту комунистичка нелегитимна законодавна власт во Хавана.“
Родригез нагласи дека иако резолуцијата нема обврзувачка сила, „таа секоја година испраќа моќна порака од најдемократското тело на меѓународната заедница“.
САД, пак, одбиваат да го прифатат терминот „блокада“, тврдејќи дека мерките се легитимни економски ограничувања насочени кон притисок за демократски промени на островот.
