Македонија европски рекордер по бегства од затворите

Од:

Советот на Европа денеска го објави Извештајот за состојбата во затворите во нејзините земји членки за 2016 година, во кој се наведува дека Македонија бележи највисока стапка по број на бегства од затворите.

Според податокот од затворските статистики на Советот на Европа (СоЕ) за Македонија со 66 бегства на 3.400 затвореници, стапката на бегства во 2015-та (последна година за која Советот на Европа располага со податоци), е највисока и изнесува 188,7 на 10.000 затврореници. Со тоа Македонија е на прво место во Европа по стапката на бегства од затвор. Втора земја во табелата е Финска, но со далеку пониска бројка од 10 бегства на 3.000 затвореници. Македонија бележела загрижувачка стапка на бегства и претходната година (2014) со 114 бегства на 3.100 затвореници, јавува дописничата на МИА од Брисел.

Авторот на студијата, Марсело Аеби, професор по криминологија на Универзитет во Лозана (Швајцарија), за МИА изјави дека не ја знае точната причина за оваа состојба, но дека еден елемент од одговорот „можеби треба да се побара во малиот број затворски чувари.“

Македонија, според извештајот, е меѓу државите со највисока стапка на затвореници по чувар (стапка од 6,2), само Романија и Молдавија имаат повисока стапка.

– Во споредба со другите европски држави имате помалку персонал во затворите, но, исто така, и помалку инвестирате во затворениците со 13 евра за затвореник од ден, вели Аеби. Просекот во Европа е 51 евро. Скандинавските земји инвестираат највеќе и тие се државите со најнизок број затвореници.

Македонија бележи и висока стапка на пренатрупаност во затворите.

– Бројот на затвореници во Македонија континуирано расте од 2005-та до 2015-та, стапката на зголемување за 10 години е од 60 проценти. Во 2016-та малку е намален бројот на затвореници, но прерано е да се каже дали тоа означува нов тренд на намалување, изјави Аеби.

Советот на Европа забележува дека високата стапка на пренатрупаност е повеќе поврзана со долгите затворски казни кои се изрекуваат во Македонија. Во прилог на оваа теза говори и фактот што во просек возраста на затворениците (39 години) е повисока отколку во другите европски држави (33 години).

Македонија има пониска стапка на жени затвореници отколку другите европски држави, додава авторот на студијата, што може да е поврзано со статусот на жената во општеството.

– Немаме јасно објаснување, но, генерално, колку е поголема интеграцијата на жените во општеството, толку поголем е ризикот тие да имаат криминално однесување. Со општествената интеграција доаѓа и одговорноста, но и ризиците. Македонија има три проценти жени затвореници, а во просек во Европа оваа бројка достигнува пет отсто, вели Аеби.

За разлика од другите европски држави Македонија има помалку странски државјани осудени на затвор, но Советот на Европа не располага со етнички статистики за овој феномен и не е во можност да каже дали помалите етнички заедници се позастапени во затворите.

Би можело да ве интересира

Русија ќе затвара затвори Краснојарск откако осудениците заминаа на фронтот

Горан Наумовски

Извештај: Во борбата против тортурата и нехуманиот третман, препораките од година в година се исти

Преку алтернативни мерки до растеретување на затворскиот систем

Законот за амнестија ќе биде доставен во Собрание , потполно ослободување за казна затвор до 6 месеци, нема амнестија за тешки кривични дела

Лога: Да го следиме примерот на БиХ, да имаме затвори кои ги задоволуваат европските стандарди

Андов контра Зибери: Во затворот има вода за пиење, достапна за сите

Кристијан Ландов