Здружението „Мајчинство“ во денешното соопштение искажува револт и загриженост од вчерашните случувања во Собранието на Република Македонија. Велат, наместо силата на аргументите, Макрадули, Ивановски и Сугаревски го применија аргументот на сила.
– Ние како здружение „Мајчинство” сме згрозени од онесувањето на пратениците во Собранието. Не загрижува однесувањето на Јани Макрадули, Игор Ивановски, Горан Сугаревски кои на крајно дрзок и насилнички начин ја нападнаа претседателката на Законодавно-правната комисија, Благородна Дулиќ. Од медиумите дознавме дека истото го има сторено и Драгиша Милетиќ, кој атакувал и на својата колешка Силвана Бонева. Тоа е недозволиво дотолку повеќе што нападнаа жени-пратенички, се вели во соопштението.
Од „Мајчинство“ велат дека особено жалат што и колешките Цветанка Иванова и Билјана Казанџиска наместо да го спречат ваквото однесување тие директно учествуваа на таквото насилство, на демонстрација на закани и сила.
– Таквото однесување не е дозволиво за било кој. Насилството врз жена не доликува никому, особено не на пратеници, преставници на народот во Домот на демократијата. Тие треба да бидат пример на целокупната македонска јавност, а не да покажуваат дека со насилство треба да се решаваат несогласувањата, се наведува во соопштението.
Од здружението потенцираат дека искрено жалат што пратениците немаа доблест да се извинат за таквото однесување за кое целата македонска јавност беше сведок.