Маја Иванова со поддршка на одбележувањето на „Денот на јаболкото“ во Прилеп

Од:

Маја Иванова, сопруга на претседателот на Република Македонија, денеска во ООУ „Блаже Конески“ во Прилеп присуствуваше на одбележувањето на „Денот на јаболкото“, во рамки на кампањата „Здрава храна за детство без мана“, која се одвива под нејзино покровителство, соопшти Кабинетот на претседателот.

Учениците, вработените, родителите и соработниците на училиштето, со поддршка на општината Прилеп, организираа целодневен настан со различни и бројни активности, а во училишниот двор беше поставена и изложба со изработки и производи од јаболко.

– Ова денеска што го видовме во Прилеп преку „Денот на јаболкото“, симболично но и практично, треба да биде секојдневие на нашите деца. Особено многу ме радува кога заеднички и несебично се посветуваме на активности кои се во насока на создавање на нивната сигурна и здрава иднина, истакна Иванова во своето поздравно обраќање, изразувајќи задоволство што во оваа акција покрај училиштата, активно се вклучени и родителите, и што станува се помасовна.

Таа ги повика и охрабри и останатите училишта преку вакви креативни настани, да го поттикнат интересот и свеста кај децата и да создаваат навики за здрава и правилна исхрана.

– Во оваа прилика ќе го искористам мотото на една наша прекрасна емисија „Ах таа чудесна земја“. Навистина нашата земја е чудесна, изобилува со плодна почва, сончеви денови и ги има сите предуслови за да имаме здрави генерации“, посочи Иванова и порача дека кога се во прашање децата, како и досега така и во иднина, ќе продолжи да ја дава својата поддршка, затоа што нема ништо побитно од иднината, а децата се токму тоа – наша иднина.

– Секој од нас има обврска да придонесе за нивен подобар живот. Животот значи здравје, а здравјето значи, пред сè, здрава исхрана. Затоа сме и тука, нагласи сопругата на претседателот.

„Денот на јаболкото“ е еден од многуте јавни настани како дел од активноста „Денови на овошките и зеленчуците“ од кампањата „Здрава храна за детство без мана“. Кампањата чија цел е да го поттикне интересот кај децата за здрава и правилна исхрана, е дел од Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која Здружението на граѓани ОХО, во соработка со Министерството за образование и наука, успешно ја реализира во сите воспитно-образовни институции во Македонија.

 

Би можело да ве интересира

Сечејќи дрво загина жител на скопското село Огњанци

Шумско стопанство од Кичево незаконски продавало огревно дрво

Континуирана достава на огревно дрво од ПЕ Голак Делчево

Ана Ололовска

Обезбедени преку 2,6 милиони садници за утрешниот Ден на дрвото

Емир Латифовиќ

Бесплатен превоз за учесниците во акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“

Емир Латифовиќ

(ВИДЕО) Гелевски: Кај овие варвари дрвото е нешто што треба да се уништи

Емир Латифовиќ