Намалената видливост од маглата го отежна одвивањето на патниот и авиосообраќајот во дел од државава.
По откажаните и пренасочени летови од аеродромот во Скопје во текот на ноќта, од изутрина се создадени услови за полетувања и слетувања од кои дел се реализираат со доцнење, покажуваат последните информации на веб страницата на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје.
Спред Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на патните правци во Пелагониската котлина, Тетово и Дебар. На патиштата Штип – Велес – Скопје видливоста е од 50 до 60 метри, Штип – Радовиш и Штип – Неготино од 50 до 100 метри, Штип – Св. Николе – Куманово од 30 до 50 метри, Радовиш – Струмица од 30 до 50 метри, Демир Капија – Удово од 100 – 150 метри.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека денеска претпладне по котлините ќе биде магливо и тивко со ниска облачност, а попладне ќе има делумно расчистување.
Во Скопје, магливо, околу пладне ќе има извесно расејување на маглата, а кон крајот на денот ќе дува слаб северен ветер.
Утре и задутре ќе има зголемување на облачноста и ќе дува умерен северен ветер, кој ќе предизвика намалување на условите за појава на магла по котлините.