Ниту една од партиите-потписнички на Пржинскиот договор не смее да врши притисок врз Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и Катица Јанева, односно нејзиниот тим. Ова особено се однесува на ВМРО-ДПМНЕ.
Континуираната медиумска хајка и се поочигледните опструкции кон СЈО го спречуваат истражувањето на злоупотребите на власта и моќта индицирани во прислушуваните разговори. Тоа директно посочува кој и зошто има потреба да спречи правен епилог на сомнежите, но и разрешница на тековната политичка криза.
Истовремено, партиски оркестрираните опструкции и медиумски хајки несомнено го нарушуваат и угледот на партиите – потписнички на Договорот од Пржино, но штетат и на угледот и перспективите и на државата и на политичките чинители во земјата воопшто.
Либералната партија дава недвосмислена поддршка на СЈО и правната разрешница, со што ги споделува вредностите на сите политички и граѓански субјекти заинтересирани за владеење на правото.
Епилогот на истрагата и процесите потоа, според Либералната партија, се влог во правниот систем и почитувањето на уставните вредности во Македонија, но и за ресетирање на системот и начинот на владеење.
На седницата, покрај овие Заклучоци, Извршниот комитет на ЛП усвои и нацрт на „Платформа за Македонија каква што ни треба и ја сакаме“. Платформата ќе биде презентирана утре пред медиумите, по што ќе биде упатена до сите опозициски партии, граѓански движења и сл.