„По екстерното тестирање во основното и средното образование, со воведувањето на екстерното тестирање на факултетите, Владата продолжува со психолошкото малтретирање на учениците и студентите, нивните родители и наставниот кадар.
Според Либерална партија, со овој „проект“ Владата се обидува да ги ублажи последиците од екстремниот број факултетски дипломи со сомнителен квалитет поради непромислената експанзија на високото школство, да ги натера на послушност професорите и асистентите во високо-образовните институции и да ги врами во рангот на државни службеници.
Јасно е дека и овој парцијален обид на Владата ќе остане неуспешен, поради предлабоките и суштински грешки во изминатите осум години и потврдува дека Владата нема концепт во образованието. Екстерното тестирање на факултетите е признанието на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за колапсот на концептот според кој образованието е „магацин“ за одлагање на пристапот на младите до пазарот на трудот.
Eрозијата на образовниот систем започна со задолжителното средно образование, неселективно „субвенционираното“ високо образование на државните универзитети и континуираното девалвирање на постдипломските и докторските студии.
За запирање на ерозијата на образовниот систем, според Либерална партија потребно е да се врати автономијата на универзитетот и да се престане со дневното тормозење на учениците, студентите, нивните родители и наставниот кадар со измислените форми на контрола, како што е екстерното тестирање.
Доколку Владата не ги прифати овие мерки, Либерална партија е подготвена да ги поддржи простестите на учениците, професорите и родителите против екстерното тестирање“, пишува во соопштението од ЛП.