Општина Центар реагира на вчерашните написи во дел од медиумите во кои се искривува Одлуката на Советот за јавен ред.
Веќе стана пракса, се вели во соопштението, власта кога сака да прикрие нешто да измислува случаи таму каде што ги нема.
„Во безидејноста и немоќта како да се покрие интервенцијата и полициската опсада пред Бристол, дел од владините медиуми се обидоа едногласно донесената Одлука на Советот на општина Центар, за која гласаа и сите советници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, да ја претстават како „геноцид“ врз животните. За Сител телевизија, вест не беше интервенцијата на 200 полицајци врз 10-тината паркобрани и апсењето на советник и директор на јавно претпријатие, но затоа синоќа ударна вест беше лошо срочениот спин и невистината информација, дека наводно општина Центар не дозволува на нејзина територија да се чуваат кучиња кои лаат. Доколку како телевизија со национална фрекфенција навистина сакаат објективно да информираат, можеа да ги прегледаат законите или да се јават кај надлежните во општината за став“, стои во соопштението на општина Центар.
Општина Центар во случајов,посочуваат, само постапи според Записникот од Државен инспекторат, во кој се наложува и општина Центар, како и сите општини во Република Македонија да донесат одлуки за имплементација на Законот за комунални дејности.
Никаде во одлуката не стои дека се забранува чување на кучиња кои лаат, туку само се спроведува Законот , кој важи за цела територија на Република Македонија и само ги внесува условите за чување животни и миленичиња, како и за сушење на алишта, како што пропишал законодавецот.
„Градоначалникот и советниците се залагаат само за подобри услови за живеење на територијата на општината, но тоа не е на штета на љубителите или на домашните миленичиња“, потенцираат од Центар.
Еве што е предвидено во одлуката а што е во согласност со европските практики:
„Сопствениците се должни кучињата да ги чуваат во своите дворови, а надвор може да се изнесат само со корпа на устата и подводник. Изметот од кучињата сопственикот е должен да го собере во кеса и да ги остави во корпи наменети за таа цел. Сопствениците на ловечки кучиња, пак, се должни да ги држат врзани кога минуваат низ територијата на Центар“.