Присуството на премиерот Христијан Мицкоски на свеченото отворање на ПРИВАТЕН старечки дом е симболично признание за еден длабок неуспех на државата: грижата за старите лица, како една од основните социјални функции, целосно е препуштено на приватниот капитал и неговиот интерес за профит. Додека цела Влада сече ленти на отворање на приватни бизниси, државните капацитети на оваа јавна услуга се целосно девастирани. Во цела држава постојат само неколку државни домови за стари лица со ограничен капацитет, лоши услови, преполни и со долги листи на чекање. Стотици граѓани со години чекаат место во јавна установа. За нив нема свечени говори, нема аплаузи и нема прес-конференции. Додека европскиот просек изнесува околу 40 до 50 легла во домови за стари лица на 1.000 жители постари од 65 години, кај нас тој број е околу 20, што е за 2 до 3 пати помал од просекот на ЕУ, велат од Левица.
– Очигледно, државата се потпира на приватни домови кои ги пополнуваат празнините што институциите свесно им ги препуштиле како поле за профит. Затоа овие услуги во приватниот бизнис имаат цена што за многу пензионери и семејства е недостижна. Во земја со повеќе од 338.000 пензионери и илјадници луѓе кои живеат со минимални пензии, грижата за старите лица не смее да зависи од висината на приходот. Достоинствената старост не е привилегија за оние што можат да платат, туку основна социјална потреба.
Впрочем, свеченото отворање од страна на премиерот на бизнисот на еден од најмоќните и најбогати бизнисмени создадени во периодот на транзицијата, кога народниот имот се крадеше без никаква одговорност, е само дополнителен доказ за спрегата помеѓу бизнисот и капиталот. Наместо одговорност, по сѐ изгледа дека премиерот решил да го почести со уште еден профитабилен бизнис!
Суштинското прашање на кое премиерот треба да одговори е: колку нови јавни легла во последните две години се отворени за пензионерите кои немаат 40.000 или 50.000 денари месечно за приватен дом? Колку нови легла се обезбедени за луѓето кои цел живот работеле, плаќале даноци и ја граделе оваа држава? Одговорот е очигледен, нула, ниту едно, напротив, состојбите се влошуваат и во и онака малкуте постоечки државни капацитети. И додека одговорот на овие прашања останува поразителен, Владата избира да сече ленти на приватни бизниси и да ги прогласува нивните сопственици за патриоти, велат од партијата.
