Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, денеска најави дека ќе иницира јавна расправа за Изборниот законик во рамки на Комисијата за политички системи, со цел да се отвори суштинска дебата за потребните измени. Според него, моментот е најсоодветен бидејќи искуствата од последните избори се свежи, а проблемите се добро познати.
-Изборниот законик е закон за граѓаните – тој го гарантира правото да се избира и да се биде избран. Ако дозволиме истите недостатоци да се провлекуваат од избори во избори, а притоа се појавуваат нови проблеми, тогаш навистина ни е потребна длабока јавна расправа, истакна Мециновиќ, повикувајќи на вклучување на медиумите, граѓанскиот сектор, академската фела и меѓународните организации.
Тој потсети дека постои предлог за измени на законикот по скратена постапка, поднесен од Левица поради проблемите со финансирањето, но материјалот не стигнал до пратениците.
-Не можеме да очекуваме добра волја од мнозинството, затоа што ако навистина сакаа да ги исправат работите, немаше да спречуваат седници кога настана спорната ситуација со финансирањето, нагласи тој.
Мециновиќ се повика и на извештаите на ОБСЕ и Европската комисија, кои, како што рече, нотираат сериозни недостатоци во изборниот процес и крајна поларизација во Собранието.
-Време е Изборниот законик да стане стабилна основа за демократијата, бидејќи моментално тоа не е случај, додаде тој, најавувајќи дека Левица ќе учествува во сите работни тела за подготовка на измените.
Во вториот дел од прес-конференцијата, Мециновиќ се осврна на иницијативата за надзорна и анкетна расправа за трагедијата во Кочани. Тој информира дека пред почетокот на декември ќе биде свикана комисиска расправа во Постојаната анкетна комисија за човекови права, со присуство на родителите на загинатите.
-Сега сме во момент кога нема оправдувања. Искрено се надевам дека ќе успееме оваа потреба да ја реализираме, за да спречиме во иднина да постојат „темпирани бомби“ во нашето општество, каде што може да настрадаат граѓани, порача Мециновиќ, додавајќи дека Левица веќе обезбедила потребен број потписи за иницијативата.
