Затворски казни побара обвинителот Љубомир Лапе за обвинетите Никола Груевски кој беше претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Кирил Божиновски кој беше генерален секретар на партијата, а за предметот „Талир 2“ кој е за изградбата на седиштето на партијата. Лапе кажа дека двајцата партијата ја третирале како трговско друштво. Тој тврди дека докажал дека ДГ Бетон го изградиле објектот за да добиваат приходи од јавни набавки односно пари од државата, а на ВМРО-ДПМНЕ целта им била да ги избегнат законските ограничувања за финансирање на политичките партии, а не да изградат деловен објект. Лапе од судот побара конфискација на целиот имот и осудителни пресуди.
„Предлагам истите да бидат прогласени за виновни и да им биде изречена санкција. За обвинетиот Никола Груевски преовладуваат отежителните околности, тој бил свесен за противправните дејствија, а за да избегне одговорност се даде во бегство. Високиот степен на криминалната намера, лукративните побуди односно стекнување на луксузен објект се отежителни околности. Како особено отежителна околност да се цени и тоа што Никола Груевски е веќе осуден за ваков вид кривични дела. Единствена оправдана санкцијна е ефективна казна затвор од погорните граници“, кажа Лапе.
Обвинителот посочи дека кај Кирил Божиновски нема олеснителни околности за да му се одреди поблага казна од затворска. Тоа значи дека според Лапе, ако Божиновски биде огласен за виновен, тој не треба да добие условна казна.
„Имајќи во предвид дека Обвинителството докажа дека имотот на ВМРО-ДПМНЕ предлагам на судот да го одзеде недвижниот имот, односно деловниот објект детално опишан во имотниот лист. Во однос на привремената мерка за обезбедување односно земјиштето под објектот, предлагам на судот истата да ја стави вон сила, бидејќи во текот на главната расправа произлезе дека тоа не е дел од кривичното дело. Обвинителството докажа дека обвинетите со кривичното дело оствариле корист од 132.573.852 илјади денари, неспорно се докажа дека паричните средства биле искористени за плаќање на недвижен имот и купување на недвижните имоти“, рече Лапе.
Според обвинителот, треба да се конфискуваат и партиски седишта во повеќе градови.
„Сметам дека исполнети се условите за конфискација од трети лица, предлагам да се конфискува имотната корист на ВМРО-ДПМНЕ и судот да го конфискува недвижниот имот во Берово, Велес, Струмица, Кавадарци, Кисела Вода, Таринци, две недвижности во Кисела Вода 2, Виница, Радовиш, Штип, Охрид, Пехчево, Демир Хисар, Пробиштип, Лозово, Делчево, Кочани, Струга, Неготино, Петровец, Гевгелија, Богданци, Градско, Каменица, Новаци за кои се веќе определени привремени мерки со решенија на овој суд“, кажа Лапе.
Обвинителот кажа дека корупцијата во овој случај е присутна и кај ВМРО-ДПМНЕ и кај ДГ Бетон.
„Корупцијата речиси без исклучок е во двете страни и ретко кога генерира директни докази. Поради тоа докажувањето на коруптивното однесување е тешко и е поврзано со индиректни докази кои сведочат на големата слика на правните акти, свесно искористување на правните моменти. Компанијата која спроведува државно спонзорирани проекти и гради ново луксузно партиско седиште, а за возврат добива државно спонзорирани проекти кои кога не се директно ги добива како под изведувач. Политичките влијанија се присутни постојано од измените на ДУП, паркинг места, градежна дозвола се до давање на. Останува на вас суде да ги препознаете овие коруптивни моменти и да испратите порака дека коруптивните моменти не поминуваат неказнето“, кажа Лапе.
Конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ која ја бара Лапе значи во корист на државата да се заплени и целата опрема како што се теписоните од 20.000 евра, камини од 20.000 евра, лустерите од 20.000 евра, паркетот од 90.000 евра, плочките од 100.000 евра. Тука спаѓаат и послужавниците вредни 156.124 денари, шестте сета ножеви вредни 106.930 денари, вазната вредна 180 илјади евра, четирите чинии за супа за кои беше кажано дека вредат 57.996. Меѓу другото, ако биде прифатен предлогот за конфискација, ќе се одземе и опремата од фитнес салата која чинела 65 илјади евра.