Криминалната банда на власт нема одговори за неисполнетите ветувања пред граѓаните. Сите нивни лаги излегоа на виделина, за Преспанскиот договор, за враќањето на името, за економијата, закочениот европски пат на државата, се вели во соопштението на СДСМ од денешната прес – конференција на Богданка Кузеска, портпаролка и членка на ИО на СДСМ.
– Сега тие зборуваат за „бугарофили“ и не обивнуваат нас во СДСМ дека сме предавници. Вистинските предавници на македонските национални интереси се во Владата на Мицкоски. Најголемиот бугарофилски колектив во историјата на Македонија денес се наоѓа токму во редовите на тендер коалицијата ВМРО – ЗНАМ. Половина од оваа тендер-коалиција има бугарски пасоши. Министри, пратеници, директори, функционери – сите со црвени пасоши на ЕУ, а глумат лажни патриоти пред народот. Дури и семејството на Мицкоски има бугарски пасоши. Семејството на нивниот главен медиумски пропагандист и главен ПР советник на Мицкоски- Драган Павловиќ Латас исто така има бугарски пасоши. И токму тие, кои со години земале бугарски документи за личен интерес, денес не сакаат да ги внесат малцинствата во Уставот и да продолжи европскиот пат на државата. Зошто?
Затоа што ним не им одговара европска и правна држава. Им одговара изолирана, слаба и корумпирана Македонија, во која криминалната мрежа на ВМРО-ОКГ ќе продолжи да краде, а граѓаните ќе живеат со ниски плати, сиромаштија и понижувања на границите. Народот да чека со децении додека тие се богатат. Малцинствата се наши соседи, другари, пријатели, колеги… тоа не се никакви терористи. Единствено ВМРО ја тероризира Македонија. Спроведува државен тероризам затоа што нè држи во блокада и далеку од ЕУ. Малцинствата се прашање на ЕУ, а не на Бугарија. Тоа мора да им биде јасно на граѓаните. Малцинствата во Уставот се основа за продолжување на европските интеграции.
Но, вистината излегува на површина. И внукот на Гоце Делчев, Христо Христов, вели дека Делчев „би ја оценил ситуацијата со гадење“. Гоце Делчев не се бореше за омраза, конфликти и поделби. Tој се бореше за слобода, за правда и за обединување на народите. Тој не се бореше Македонија да биде изолирана држава заглавена во 90-тите, туку модерна и европска држава. Тие го злоупотребуваат името на Гоце Делчев, а ги газат сите негови идеали. Мицкоски и ВМРО-ОКГ води политика на вештачки конфликти со соседите, политика на блокади и пропаганда, само за да ја сокрие неспособноста, криминалот и корупцијата. СДСМ останува на страната на европската иднина, реформите и вистинските македонски интереси. Реформи. Правда. Европа. Тоа е единствениот пат напред за Македонија, рече Кузеска.
