Кумановец кој требало да биде во самоизолација, бидејќи на 15 март се вратил од Италија, полицијата не го пронашла во неговиот дом. Основното јавно обвинителство – Куманово поднесе предлог за издавање казнен налог за кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.
Од Јавното обвинителство соопштија дека обвинетиот на 15 март, при влез во државата на граничниот премин Ќафасан, потпишал писмена изјава дека ќе се стави во самоизолација во траење од 14 дена, бидејќи доаѓа од Италија, како земја со висок ризик за ширењето на епидемијата. Самоизолацијата требало да ја извршува во неговиот дом во Куманово, но при контрола на 17 март од страна на службени лица од СВР Куманово обвинетиот не бил затекнат во домот.
– Со ова тој не постапил по донесените прописи за време на пандемија-епидемија од глобални размери со кои се определени мерки за сузбивање или спречување на епидемијата на заразната болест предизвикана од коронавирус – Ковид-19, информираат од ЈО.
Основното јавно обвинителство Куманово со предлогот за издавање казнен налог на Основниот суд Куманово му предложил на обвинетиот да му изрече 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност.