Во текот на осмина-финалните натпревари од 25-тиот јубилеен меморијален турнир во мал фудбал „Тихо“ во Миравци, општинскиот Црвен крст од Гевгелија, заедно со екипата на Републичкиот завод за трансфузиона медицина, спроведоа крводарителска акција на која учество зедоа посетителите и публиката присутна на турнирот.
Со акцијата беа собрани 31 крвна единица. Гевгелискиот Црвен крст, заради одбележување на јубулејното спроведување на крводарителските одѕиви на посетителите на познатиот турнир во мал фудбал во Миравци, веќе 10-та година по ред, обезбеди награда за најсреќниот крводарител.
Стојанчо Андонов од село Давидово веќе двапати дарувал крв во рамките на турнирот „Тихо“ и како носител на среќниот тикет со број 11 доби за подарок велосипед, кој го понесе со себе заедно со аплаузите од трибините на игралиштето во Миравци.
„Ова е единствена летна акција што ја спроведува Црвениот крст од Гевгелија. Досега редовно изведувавме летна акција и на градската плажа во Дојран, но поради слабиот одѕив на посетителите, од 5 до 8 крводарители, кои доколку даруваат крв, со препорака на лекар, не смеат да се ‘плажираат’ во наредните два дена, од оваа година таа ќе биде укината, па внимание посветивме само на турнирот во Миравци“, изјави Младен Бундов, секретар на општинскиот ЦК во Гевгелија.
Од почетокот на годината досега гевгелиските крводарители дарувале близу 500 крвни единици, што значи напредок во остварувањето на годишниот план за крводарување,кој е позициониран на 893 крвни единици.
А.Д.