Црвениот крст на град Скопје и Американската амбасада во Скопје по петти пат организираат крводарителска акција и акција за донирање храна со цел одбележување на трагичните напади што се случија на 11 септември 2001 година во САД и поттикнување на хуманоста и општествената одговорност.
Акцијата ќе се одвива од 8 до 16 часот пред Американската амбасада во Скопје. Приемот на донациите во храна ќе започне во 10:30 часот, а тие ќе бидат наменети за потребите на Црвениот крст за загрозените семејства за претстојната зима.
На присутните ќе им се обрати американскиот амбасадор Пол Волерс и генерал-мајор Стивен Креј, генерал аѓутант во Националната гарда на Вермонт.
Целта на настанот е да се обединат луѓето од сите заедници, без разлика на нивното политичко убедување или верска припадност и да се фокусираат на една заедничка цел – во служба на заедницата.
Пред Амбасадата ќе има поставени тенди, со цел настанот да може да се одвива непречено без разлика на временските услови.