Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осум лица заради учество во масовна тепачка на улицата „Славеј Планина”, од кои едно се товари за обид да изврши кривично дело убиство, едно за нанесување тешка телесна повреда, додека шест се осомничени за кривично дело учество во тепачка.
„До тепачката дошло поради нерасчистени семејни односи меѓу две групи. За обид за убиство е осомничено лице кое во тепачката користело дрвена даска со која тешко повредил едно лице од спротивставениот табор, нанесувајќи му фрактура на черепот со крварење на мозокот. Друг осомничен нанел тешка телесна повреда – скршена долна вилица, удирајќи со тупаници еден од останатите учесници во инцидентот. Сите останати се осомничени за учество во тепачката, која се случила на 16 август.
За осомничениот за обид за убиство, ценејќи ги сите околности под кои тој ги извршил дејствијата и фактот дека станува збор за млада личност која тукушто наполнила 18 години, но кај која сепак постои ризик од бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото, јавниот обвинител предложи мерка куќен притвор. За останатите учесници во кривично-правниот настан предложени се мерки на претпазливост.