Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави против 11 физички и 14 правни лица за проневера на 2,4 милиона евра во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Првоосомничена е поранешната сметководителка во Федерацијата Олгица Младеноска, за која „А1он“ објави дека извлекувала пари со допишување нули на фактурите и на сметка на ФФМ имала луксузен живот со чевли од 1.000 евра, со чанти кои чинат неколку нејзини официјални плати и чести патувања и одмори на скапи места. Таа била вработена во ФФМ повеќе од три децении, се до ноември минатата година кога и бил даден отказ, а сегашното раководство и поднело и кривична пријава. Меѓу осомничените се и поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски како и уште еден вработен во ФФМ кој посредувал за извлекувањето на парите.
„Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против лицата И.Ѓ. во својство на претседател, О.М. во својство на Раководител на Одделение за финансии и сметководство и Т.М. во својство на раководител на Одделот за судии и судење, сите од Фудбалската федерација на Македонија, како и Ѓ.Ч. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Масон Инжинеринг ДООЕЛ Скопје; Н.Л. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Сеф Компани ДОО Скопје; С.Т во својство на сопственик и управител на правниот субјект Усјепор ДООЕЛ Скопје; К.А, во својство на овластено лице во правниот субјект Км Емона ДООЕЛ Скопје; Е.Н. во својство на градежен инжинер во правното лице Балкан-Консалтинг ДОО Скопје; И.Т. во својство на сопственик и управител на правните субјекти Биро Копирс Ирина ДООЕЛ Скопје и Принт Примус ДООЕЛ Скопје; И.Т. во својство на сопственик и управител на правниот субјект ТП Оли-Вети Копирс Скопје; И. П. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Идиомас ИП ДООЕЛ Скопје; Ј.Д. во својство на сопственик правниот субјект Спортико Трејд ДООЕЛ Скопје; И.Ш.во својство на сопственик и управител на правниот субјект Борографика ДООЕЛ Скопје; С.С. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Елит Травел ДООЕЛ Скопје како и против горенаведените правни субјекти кои се стекнале со противправна имотна корист, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело злосторничко здружување по член 394 ст.1 , перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 ст.1, злоупотреба на службена должност и овластување по член 353 ст.2, несовесно работење во службата по член 353-в ст.2, проневера во службата по член 354 ст.3, измама во службата по член 355 ст.1, фалсификување или уништување на деловни книги по член 280 ст.1, соизвршителство по член 22, помагање по член 24, и продолжено кривично дело по член 45 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија“, соопшти Финансиката полиција.
Управата за финансиска полиција работи на откривање на криминалот во ФФМ повеќе од осум месеци. Имаат докази за проневера на 2,4 милиона евра само за периодот 2015 – 2019 година.
„Фиктивни фактури, плаќање производи и услуги кои никогаш не ги користела Федерацијата, подигнување кеш пари кои и биле предавани на сметководителката, како и докази за големи суми пари потрошени за чевли, чанти и облека покажа истрагата. Лицата против кои се поднесени кривични пријави се поделени во три групи. Во едната група се градежни компании кои фиктивно биле ангажирани и извлекле пари за работи кои никогаш не ги изградиле, втората група се оние кои ваделе кеш за фиктивните услуги што наводно ги правеле за ФФМ, а третата група е трошењето пари за скапи чевли, облека и чанти“, велат од Управата за финансиска полиција за „А1он“.
Во февруари годинава Финансиската полиција правеше тројна контрола во Федерацијата. Три тима истовремено правеа проверки на сметководството, ги проверуваа фирмите со кои соработувала Федерацијата поради сомневањата дека тоа бил еден од начините на кои се одлевале парите, а детални проверки се правеа и на терен, по стадионите и на објектите каде што Федерацијата инвестирала последниве години.
Поранешниот член на Управниот одбор на ФФМ Љубомир Ѓурчески за „А1он“ изјави дека во ФФМ се проневерени повеќе од 4,5 милини евра за што во последните три години се поднесени девет кривични пријави против поранешното но и против сегашното раководство на Федерацијата од кои две се од него.
Минатата година две кривични пријави против сегашното и поранешното раководство на Федерацијата поднесе Агенцијата за млади и спорт.