По вчерашната полициска акција „Хераклеа“ Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против четири лица за два одвоени случаи за „недозволена трговија со оружје“ и за „ примање награда за против законско влијание“. Истражен судија за двата случаи на пријавените лица им одреди мерка притвор од по 30 дена.
Со кривична пријава, како што информира денеска на прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, се здобиле јавен обвинител од Битола за „примање награда за против законско влијание“ и 53-годишен вработен, возач во обвинителството проади постоење сомневање за „помагање“.
– Прво пријавениот искористувајќи ја својата службена положба и овластувања на лице од Битола против кое лани во јули му е поднесена кривична пријава му ветувал дека ќе посредува кај негов колега обвинител кој бил надлежен за конкретниот предмет и му ветувал дека ќе влијае и кај други вработени во обвинителството доколку е потребно и до судот заради изрекување поблага казна или друг вид привилегии за пријавениот. Второ пријавениот му помагал, при што ги договарал и присуствувал на средбите кои се одвивале меѓу јавниот обвинител и лицето против кое се води кривична постапка, каде му давал совети за постапката што се водела против него, појасни Јанкулоска.
Ветувањата и совети, спроед министерката, пријавените ги давале со цел да се стекнат со противправна имотна корист, односно во повеќе наврати земале разновидна стока во вредност од 120.000 денари.
По издадени наредби од истражен судија извршени се претреси на шест локации, меѓу кои и нивните домови.
– Во домот на возачот пронајдени се и одземени една ловна пушка марка „црвена застава“ и малокалибарски пиштол, за кои не поседувал дозвола. При претрес на планинската куќа која е сопственост на ловното друштво „Сокол“ пронајдена и одземена ловна пушка без дозвола. При останатите претреси одземани се други предмети за кои постои сомневање дека се поврзани со кривичните дела и ќе бидат предмет на дополнителни проверки и анализи, рече Јанкулоска нагласувајќи дека за седум парчиња оружје утврдено е дека се нелегални, а за останатото во тек се проверки за потеклото и легалноста.
Во другиот случај, истакна Јанкулоска, поднесена е пријава до обвинителството во Прилеп поради постоење основано сомневање за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и управување со оружје и распрскување материјали“ против 39-годишен прилепчанец
– Обезбедени се докази дека пријавениот на заинтересирано лице купувач во ноември лани му продал автоматска пушка со калибар 7,62 милиметри за 800 евра. Утврдено е дека тој нудел на продажба разновидно огнено оружје, автоматски пушки, пиштоли, бомби, муниција, по различни цени во зависност од видот на оружјето и заинтересираните купувачи, истакна Јанкулоска.
И кај ова лице извршен е претрес во неговиот дом во Прилеп и во импровизирана работилница во која вршел поправка на огнено оружје, каде е пронајдена и одземена поголема количина огнено оружје и делови од огнено оружје.
– Пронајдени се ловни пушки, ловни карабини, малокалибарска пушка револвери, воздушна пушка, гасен и воздушен пиштол и поголема количина на делови од различно огнено оружје, како и поголема количина муниција. Одземеното оружје и деловите од огнено оружје ќе бидат предадени на Одделот за криминалистичка техника во МВР за натамошно вештачење, рече Јанкулоска.
Со кривична пријава, додаде министерката, се здобил уште еден прилепчанец на возраст од 38 години поради постоење на основано сомнение за „недозволена трогивја со оружје“.