Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп, до Основнотo јавно обвинителство Прилеп, поднесе кривична пријава против Т.З.(54) од Крушево, Ј.М.(50) од крушевското село Врбоец и Д.Д.(53) од Крушево осомничени за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „пустошење на шума“ во врска со кривично дело „помагање“ и против Б.С.(56) од Крушево и правното лице „МЕР– БИЛ“ ДООЕЛ Крушево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење на шума“.
МВР денеска соопшти дека Т.З., Ј.М. и Д.Д., сите вработени во Шумско стопанска единица „Бирино Селце“, со пречекорување на службените овластувања и со неизвршување на службената должност, во периодот од 06.06 до 21.06.2018 година овозможиле непланска – бесправна сеча на 648,9 метри кубни (927 метри просторни) дрвна маса во оддел 18а во Шумско стопанска единица „Бирино Селце“. Сечата била извршена од четвртопријавениот Б.С. во својство на овластено лице во петтопријавеното правно лице ,,МЕР-БИЛ“ ДООЕЛ Крушево. На тој начин на Јавното претпријатие „Македонски Шуми“ му била нанесена штета од 4.542.300 денари.
Бесправната сеча, се посочува, била откриена по вонредната ревизија во оддел 18а во Шумско Стопанска Единица „Бирино Селце“, која била извршена по овластување од директорот на Јавното претпријатие „Македонски Шуми“ во подружницата „Липа“ Крушево од 02.07.2018 година. При извршениот теренски увид било утврдено дека има поголема количина на исечена дрвна маса, а во моментот на контролата за оддел 18а немало важечки договори за сеча и дотур со надворешни извршители, ниту пак подружницата располагала со сопствени секачи и дотурачи.