Полициската станица во Струга поднесе кривична пријава против против Н.М.(29) и Р.М.(34) двајцата од Струга, осомничени за извршени 13 казнени дела од кои седум „тешка кражба“ и шест „кражба“.
Пријавените, кражбите ги извршиле од периодот од октомври минатата до мај годинава во станови, работилници, гаражи, камп-приколки, стоваришта за градежни материјали во Струга и струшкото село Мислешево.
Тие одземале бормашини, циркулар машини, хилт-апарати и други електрични работни машини и алати, акумулатори, предмети од бакар и алуминиум како и други предмети со што се стекнале со противправна имотна корист над 400.000 денари.
Како што соопшти СВР Охрид, кражбите ги извршиле со употреба на подесен алат за разбивање на сигурносните брави од вратите и со физичка сила но и со кршење на стаклата од вратите и прозорите. Тие биле вешти и во кршење на катинарите од работилниците и гаражите како и за влегување низ подотворени прозори. Двајцата брзо влегувале во внатрешноста, ги одземале работните машини и другите предмети а потоа ги продавале. Парите од продажбата подеднакво ги делеле и ги користеле за свои потреби. Откако забележале патничко моторно возило марка „Фијат Дукато“ паркирано кај општата болница во Струга и незаклучено, двајцата пријавени незабележани влегле во возилото и одзеле неколку електрични работни машини.
Пријавените се лица познати на службата против кои досега биле поднесувани пријави за слични казнени дела. Во моментов Н.М. е на издржување казна затвор во казнено поправната установа „Идризово“ во Скопје за претходно сторени кражби и тешки кражби. Истражен судија на Р.М. му одреди мерка притвор во траење до 15 дена.