Кривична пријава против шестмина за измама со дозволи за меѓународен превоз

Од:

СВР Скопје до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против шест лица за сторени кривични дела “помагање“ и “измама“ околу издавање дозволи на фирми за вршење меѓународен превоз на лица.

Како што соопшти МВР, станува збор за Д.Ј. (31) од Тетово и А.Т.Т. (31) од Скопје, за измама, како и за С.Т. (37), С.Т. (33), двајцата од Скопје, Е.И. (33) и Ј.Ј. (38) двајцата од Тетово, за помагање.

Oд страна на судија во претходна постапка на пријавените лица им е одредена мерка притвор во траење од осум дена. При тоа, А.Т.Т., С.Т. и С.Т. се пронајдени и предадени во Истражен затвор – Скопје, додека Д.Ј., Е.И. и Ј.Ј. се во бегство.

Откако на 1 овој месец од страна на Министерството за транспорт и врски бил распишан оглас за распределба на меѓуопштински и возни редови, на него аплицирало лице – управител на две правни лица од Струга, но на Прелиминарна листа која била јавно објавена на веб страница на Министерство за транспорт и врски, тие биле одбиени. Дознавајќи го тоа, се наведува во соопштението од МВР, пријавените се договориле и Д.Ј. остварил телефонски контакт со оштетениот, при што лажно му се претставил како извесен директор во Министерството за транспорт и врски, и го известил дека апликациите од неговите фирми за вршење меѓународен превоз на лица не поминале, но како директор може да му помогне за нивно одобрување.

Притоа, на договорената средба во хотел во Охрид отишле шесте пријавени лица, каде Д.Ј. се претставил како извесен Зоран Н. и го запознал оштетениот со второпријавената која се претставила како Елена Н., наводно негова секретарка, додека на другата маса седеле останатите четири пријавени лица. Во разговорот, Д.Ј. на оштетениот му кажал дека може да му заврши работа неговите фирми да добијат две линии за вршење меѓународен превоз на лица и побарал парична награда во висина од 10.000 евра за двете линии, од кои 5.000 евра да му бидат дадени веднаш за да не биде пропуштен терминот во системот за јавно надавање. Истата вечер, се сретнале на бензинска пумпа на излез од Охрид, каде оштетениот му дал 5000 евра, а за остатокот се договориле да ги донесе во Скопје на 20. овој месец.

Кога оштетениот остварил телефонски контакт со Д.Ј., тој му кажал дека е на службен пат, но му кажал да се слушне со второпријавената А.Т.Т., со која договориле да се сретнат на 21 октомври во Скопје.

Во СВР Скопје оштетениот поднел записник за прием на кривична пријава, за кривично дело “измама“ против Зоран Н. и Елена Н. од Скопје, при што биле преземени сеопфатни мерки и активности.

На 21 октомври, се додава во соопштението, на договорена средба во кафе-бар во Скопје, второпријавената од оштетениот примила парични средства (10 банкноти во апоени од по 500 евра),  а од нејзина страна му била предадена фалсификувана документација претходно изготвена од четвртопријавениот Е.И., наводно издадена од Министерството за транспорт и врски за распределба на меѓуопштински и возни редови и возен ред за меѓународна линија Струга-Алсбург на име на едно од правните лица.

Врз основа на усна наредба од судија на претходна постапка, истиот ден извршен е претрес на пријавената А.Т.Т., при што кај неа се пронајдени банкнотите и се одземени, додека од оштетениот е одземена документацијата која му била дадена од страна на пријавената.

Од оштетениот и две пријавени лица одземени се мобилни телефони со кои остварувале контакти во критичниот временски период.

Врз основа на наредби од Основен суд Скопје 1 Скопје извршени се два  претреса во домовите каде привремено престојувале тројца од пријавените лица од Тетово при што одземени се предмети и документација за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела.

Инаку, во претходниот период против Д.Ј. се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела “измама“, “фалсификување исправа“, “прикривање“, “насилство“, “спречување службено лице во вршење службено дејство“, “затајување“ и “недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“, Исто така против второпријавената А.Т.Т. претходно поднесена е кривична пријава за кривично дело “затајување“, против С.Т. за “кражба“, “насилничко однесување“, “криумчарење на мигранти“ и “загрозување на безбедноста на сообраќајот“, против Е.И. за “измама“, против Ј.Ј. за кр.дела “измама“, “лажно претставување“, “затајување“ и “фалсификување исправа“ и против С.Т. за сторено кр.дело “загрозување на безбедноста на сообраќајот“.

Би можело да ве интересира

МВР уапси три лица барани со потерници за издржување затворски казни

ВМРО-ДПМНЕ: Панче Тошковски го суспендира командирот од Ропотово, Даница Чадиева од СДС преку Второстепена го враќа

Полицајци земале поткуп од странци, па им фингирале документи дека влегле или излегле од Македонија

(ВИДЕО) Кузеска: Скандалот во МВР со испитниот центар смрди на корупција!

Млада жена се обидела да ја убие бабата на сопругот, поведена истрага

МВР: На ниту еден граѓанин не му беше скратено правото да присуствува на вчерашниот протест во Кочани

Предраг Петровиќ