Од регистрирани 1.511 случаи на заболени со коронавирус, излекувани се 945 лица. Од Министерството за здравство истакнаа дека кривата на оздравени пациенти од Ковид-19 стрмно расте. Од почетокот на состојбата со пандемијата во земјава досега починаа 84 лица, а во моментов се активни 482 случаи. Досега во земјата се направени 17.246 тестови за Ковид-19. Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи порача дека е време со паметна комбинација на меки мерки да се заменат полицискиот час и затворањето на бизнисите.
Од Министерството за здравство истакнаа дека согласно последните трендови во однос на заболените и излекуваните од коронавирус бројките се исклучително охрабрувачки.
– Бројот на пациенти кои имаат индикација за тест исто така значително опаѓа и со тоа опаѓа и бројот на направени тестови. Според информациите од приватните лаборатории, барањата за тестирање се исто така значително намалени. Времето на чекање за тестирање исто така е сведено на минимум, односно еден ден, посочија од МЗ.
Министерството информираше дека продолжува активно да тестира согласно индикациите на сите пунктови и во сите лаборатории, но и будно да ја следи состојбата се до целосно спласнување на епидемијата.
Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека е поставен системот со модулите во модуларната маневарска болница до Инфективната клиника. За најкраток временски рок, како што појасни, дуплирани се капациентите на установата.
– Го поставивме системот со модулите во модуларната маневарска болница до Инфективната клиника. За најкраток временски рок ги дуплиравме капациентите на установата. Со финансиска поддршка на Швајцарската амбасада набавивме и поставивме „монтажни модули“, каде се сместени простории за болнички кревети, амбулантски и тријажен простор, соби за одмор на персонал, тоалети за пациенти и персонал, гардеробери и соби за состаноци, наведе Филипче.
Тој појасни дека целата оваа структура е поврзана со „топла врска“ со зградата на Инфективната клиника, а во периодот кој следува ќе се доопреми и со потребната немедицинска опрема.
– Ја амортизираме евентуалната оптеретеност на Клиниката и даваме можност на медицинскиот персонал соодветно да ги распореди сопствените ресурси во борбата за превенција и заштита од коронавирус, истакна министерот.
Османи изјави дека сега е моментот да се разгледа можноста соодветната комбинација на меки мерки во справувањето со епидемијата на Ковид-19 да биде замена за сегашниот полициски час и затворањето на бизнисите.
– Време е со паметна комбинација на меки мерки да ги замениме полицискиот час и затварањето на бизнисите, истакна Османи при што уште еднаш посочи на задолжителното носење на маски и физичкото дистанцирање како меки мерки кои би го замениле полицискиот час.

