Општина Крива Паланка продолжува со напорите за успешна прекугранична соработка со соседна Бугарија, искористувајќи ги расположливите средства од Европските фондови.
Тим од локалната самоуправа оствари средби во бугарската општина Дупница каде се разгледуваа идните перспективи на ова поле. Крива Паланка како лидер во искористувањето на расположливите финансиски средства од европските фондови продолжува со заложбите за успешна и плодна соработка со општините од соседна Бугарија како и со Србија.
– Како подготовка на планираните проекти ги посетивме Дупница и Српска Гњилане, за да се договориме кои проекти и со кои општини ќе ги аплицираме на следните повици за финансирање прекугранична соработка преку ИПА фондовите на Европска унија. Ги претставивме нашите проекти и планови, со Дупница имаме традиционална соработка, досега имаме повеќе имплементирани, завршени проекти, па со тимовите имаме соработка на високо ниво. Остана тие да се договорат за приоритетите, а и со Гњилане разговаравме на истата тема, истакна Арсенчо Алексовски, градоначалник на Крива Паланка.
Тимот за прекугранична соработка во општината веќе има изготвено неколку проекти кои со сигурност се планира да бидат аплицирани по повик од областа на животна средина.
– Мислам дека е важно да го продолжиме проектот за уредување на минор-коритото на Крива Река, како и проектите за продожување на ролерско -велосипедската патека и пешачката патека во мајор коритото на Крива Река. Ова е проект кој е готов и ќе се надградува, а завршен е и проектот за новата рекреативно-пешачка патека која ќе минува врз трасата на водоводот за висока зона лев брег-долж т.н стара вада. Останува само инфраструктурниот проект и издавање дозвола за градба, а тука е и проектот за изградба на пешачка зона во Бабин дол, со регулирање на долот и градба на трим-патека, додаде Алексовски.
Додаде дека во однос на развој на туризмот предвиден е проект за изградба на патот до село Трново кој минува покрај црквата и води до новиот ререативен дел кој со реновирање на училиштето го изгради Здружението на воени инвалиди од општината.