Бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјава изнесува 18046 од кои 10840 се од Скопје. На инфективните одделенија во земјава се лекуваат вкупно 889 пациенти заболени од Ковид-19.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 28 декември 2020 до 3 јануари 2021 година се бележи намалување на бројот на нови позитивни случаи, на починати, како и на бројот на тестирани на коронавирус во однос на неделата пред неа. Регистрирани биле 2329 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со намалување од 30,9 проценти.
Најголем број од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.086; 46,6 отсто). Процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 21,6 отсто, намалување од 4,1 отсто. Во истиот период биле пријавени 93 починати од 22 града, со намалување од 27,9 отсто.
За 17,9 отсто е помал бројот на тестирани на коронавирус. По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, за оздравени се водат 3884 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Вкупниот број ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 84709, бројката на оздравени пациенти е 64104, а на починати 2559.