Владата на Република Северна Македонија денеска одржа тематска седница посветена на остварувањата и достигнувањата на Владата и министерствата во првите 100 дена од работењето.
На седницата премиерот Димитар Ковачевски кој претседаваше со седницата соопшти дека со оваа седница, како и со настаните кои ќе се случуваат во наредниот период, тој, вицепремиерите и министрите, ќе ги сублимираат и презентираат досегашните обемни остварувања.
Ковачевски нагласи дека одговорно и со целосна посветеност и внимание во Владата во првите 100 дена се фокусираше на формирање и на хармонизирање на новиот тим за да ги подготвиме и спроведеме најсоодветните одговори за сериозните предизвици кои нѐ очекуваа.
„Актуелната Влада си постави и останува на јасната цел – Да обезбеди сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот како и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење. Тоа се одликите што ги побарав од сите министри што прифатија да бидат дел од тимот кој заеднички се стреми да им служи на интересите на сите граѓани, без исклучок“, потенцираше претседателот на Владата Ковачевски во обраќањето на тематската седница.
Премиерот Ковачевски посочи дека овој состав на Владата јасно ги дефинираше приоритетите за работа и креираше програма која е надградена, врз основа на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите 2020 година, со тоа што се вградени и програмските определби на новиот коалиционен партнер Алтернатива.
Тој дополни дека во Програмата на оваа Влада се вклучени и нови, автентични програмски цели кои беа неопходни и произлегоа од новите предизвици кои стоеја пред нас.
„Клучен, прв приоритет е справување со енергетската криза во државата, којашто е пред сѐ европска енергетска криза и која се чувствува и кај нас, а која доби дополнителни загрижувачки димензии со војната во Украина. Самата воена агресија пак, нѐ исправи пред историски предизвик, како земја членка на НАТО, заедно со нашите сојузници, бескомпромисно да одговориме на овој антицивилизациски чин како што е бруталното кршење на меѓународното право и на сите конвенции за мир и безбедност“, нагласи претседателот на Владата Ковачевски.
Ковачевски рече дека меѓу приоритетите на Владата беа и исполнувањето на целите во однос на големите инфраструктурни проекти, како и евро-интеграциите како наша стратешка цел.
Следниот приоритет, истакна Ковачевски, е заштита на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во светло на економската криза која произлегува од енергетската и воената криза.