Премиерот Димитар Ковачевски денеска одржа тет-а-тет средба со премиерот на Ирска, Лео Варадкар, во рамките на неговата официјална посета на земјава, која воедно е и прва посета на ирски премиер на државава.
Како што соопшти владината прес-служба, по тет-а-тет средбата се одржа и билатерална средба на македонската и ирската делегација, на која што присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
На средбата беше поздравена триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, при што беше потенцирано дека постои добро ниво на политички дијалог и покрај географската оддалеченост.
Беше нагласена потребата од зајакнување на економската соработка, особено во областа на информатичката технологија, телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот, стои во соопштението.
Премиерот Ковачевски, на состанокот се заблагодари за силната и гласна поддршка на Ирска на Северна Македонија на патот кон ЕУ, којашто континуирано трае уште од времето на поднесување на нашата апликација за членство во Унијата токму за време на ирското претседателство со ЕУ во 2004 година.
Заеднички беше истакнато дека проширувањето на ЕУ е стратешко и безбедносно прашање коешто е од клучно значење во овој сложен и неизвесен геополитички контекст за европскиот континент.
Двајцата премиери констатираа дека иднината на земјава треба да се издигне над сите политички и идеолошки разлики и затоа од сите политички чинители се очекува проактивност во однос на исполнувањето на целите кои се поставени на патот кон ЕУ.
Беше препознаена улогата на Северна Македонија како фактор на стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко во европски рамки, за што беше изразено уверување дека е уште еден силен аргумент за обезбедување на европските перспективи на земјата, се наведува во соопштението на владината прес-сслужба.