Ковачевски: Планот за раст најсериозната политичка потврда од ЕУ за нејзините намери за интеграција на Западен Балкан

Од:

Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан. Во овие клучни моменти за прогресот на регионот, а пред сè за македонската европска иднина, ЕУ и САД од овде, од Скопје испратија јасна порака за поддршката на ефикасната интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Воедно, испратија и порака дека во тој процес, сметаат на проевропските државни лидерства.

Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес – конференција со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан по состанокот на лидерите од регионот посветен на Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од ЕУ. Тој нагласи дека Планот за раст е конкретна акција на ЕУ за зголемена регионална соработка и вклучување на земјите од Западен Балкан на заедничкиот европски пазар, а со усвојувањето на заедничка декларација лидерите ја потврдиле заложбата за спроведување на активностие од Планот кои, пред се, напомена, се однесуваат на реформите и на унапредување на соработката.

-Денеска на состанокот усвоивме Заедничка изјава, со којашто ние, како лидери од Западен Балкан, се обврзувавме на развој на нашите држави по европски стандарди. Во Заедничката изјава го нагласивме огромното значење на соработката меѓу сите нас нас во регионот, како стратешки сојуз на државите од Западен Балкан, за да ја постигнеме нашата индивидуална цел и истовремено заедничка цел – членство во Европската Унија, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека Република Северна Македонија веќе три децении е во пристапниот процес и имаме добар степен на усогласеност на нашето закондавство со правото на ЕУ од над 50 проценти.

-Како Влада направивме сè што беше потребно и во изминатите 15 месеци успешно го завршивме скрининг процесот со ЕУ по одржувањето на првата меѓу-владина конференција. Но, процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија не е само владина процедура. Тоа е општествена трансформација која што ги опфаќа сите општествени чинители. И бара високо ниво на лична политичка и институционална одговорност за да ја реализираме и оваа наша стратешка цел, по интеграцијата во НАТО. И сакам да порачам дека ќе направиме сè што е потребно, за да осигураме стабилна економска и просперитетна европска иднина на македонските граѓани, во родната земја, рече премиерот Ковачевски.

Тој како домаќин на завршниот меѓународен настан во неговиот, како што вели, прв мандат како премиер, се заблагодари на сите за партнерството и соработката.

-Заедно поминавме низ многу предизвици, се држевме едни со други и ги здруживме силите кога тоа беше потребно. Верувам дека и во следниот мандат ќе ја продолжиме и интензивираме проевропската агенда која нашите граѓани ја очекуваат од нас. Регионот, Северна Македонија припаѓа во ЕУ, и тоа е процес кој е започнат и нема да застане. ЕУ е нашата единствена алтернатива и стратешка цел. И затоа и тука, и пред вас ќе повторам – со политичка волја и напорна работа, нема недостижна цел, рече Ковачевски заблагодарувајќи се на меѓународните партнери и лидерите од регионот за денешната исклучително важна средба посветена на Планот за раст.

Инаку, на денешната дискусија Планот за раст за Западен Балкан наведе тој, е препознаен од сите како одлична можност за пристап до Европскиот Единствен Пазар. Со неговата реализацијата која зависи и од ЕУ но пред се од нас, нагласи тој, земјите од Западен Балкан треба двојно да го зголемат БДП-то по глава на жител, односно од просечни шест илјади евра по глава на жител во регионот, на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните десет години.

-Денес фокусот го ставивме на два од четирите столбови на Планот за раст за Западен Балкан на ЕУ и тоа на заедничкиот регионален пазар и европскиот единствен пазар и тоа од неколку причини. Прво, бидејќи лично сметам дека овие два столба беа помалку застапени во јавноста досега. Второ и поважно, истите играат клучна улога во ослободувањето на економскиот потенцијал на регионот. Ќе ги отворат вратите за локалните бизниси и работници кон регионот и кон Европа, а воедно и ќе го направат регионот попривлечен за европските и светските инвеститори. И трето, преку прифаќање и примена на стандардите на ЕУ, заедничкиот регионален пазар ќе делува како отскочна даска кон европскиот единствен пазар. Ако зборуваме во бројки, тука зборуваме за регионална економија со нешто над 100 милијарди евра БДП и 17 милиони жители, којашто претендира да се приклучи на пазар од 450 милиони жители, со БДП над 15 трилиони евра. БДП на земјите од регионот во однос на ЕУ е само 0,6 отсто. Воедно, со воспоставувањето и зајакнувањето на воспоставениот регионален пазар се очекува нашите економии ќе пораснат за околу 10 отсто, подвлече премиерот Ковачевски.

На новинарско прашање во врска со тоа што Планот се уште не поминал на Советот на Европа и кога очекува тоа да се случи, Ковачевски напомена дека тој план беше претставен од страна на претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лејен и додаде дека согласно процедурите на ЕУ тој секако дека ќе се најде на една од наредните седници на Комисијата, со оглед на тоа дека таа во овој состав сигурно ќе работи до јуни.

На состанокот на лидерите од Западен Балкан посветен на Планот за раст во Скопје, што го усвои Европската комисија. присуствуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија, Црна Гора и Косово, Еди Рама, Милојко Спаиќ и Албин Курти, актуелниот министер за финансии и трезор во Советот на министри на БиХ, Срѓан Амиџич, како и Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија и Џејмс О’Брајaн, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД.

Планот за раст на Западен Балкан беше усвоен од Европската Комисија на 8 ноември и со него се предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра за периодот 2024 – 2027 година. Од овие средства, две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се концесиски заеми обезбедени од ЕУ. Целта на Планот е поттикнување на економскиот раст и забрзување на социо-економската конвергенција.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Вархеј: Првите исплати на средства од Планот за раст ги очекуваме во текот на овој месец

Премиерот Мицкоски присуствуваше на работен ручек со Фон дер Лајен и колегите од Западен Балкан

ЕУ одобри 1,2 милијарди евра за инфраструктура во Западен Балкан

(ВИДЕО) Ковачевски: Гледаме политички пазар, без јавна дебата, за зголемување на државната управа

Горан Наумовски

Ковачевски официјално се повлекува од функцијата претседател на СДСМ

Горан Наумовски