Премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на работниот дел од посетата на Лондон за учество на Инвестицискиот Самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), оствари средба со македонски граѓани и истакнати професионалци кои живеат и работат во Обединетото Кралство, информираат од Владата.
„Премиерот Ковачевски и амбасадорката на Северна Македонија во Обединетото Кралство Александра Миовска се заблагодарија на претставниците на македонската дијаспора за редовната и плодна поддршка која ја пружаат на нашата амбасада во Лондон, за промоцијата на Северна Македонија во оваа пријателска земја и за промоцијата на македонскиот јазик и останатите културни белези на нашата татковина.
Премиерот Ковачевски ги запозна нашите државјани со очекувањата од самитот на ЕБОР, како една од најзначајните европски финансиски институции која ги поддржува реформските процеси во земјата за постигнување на стандардите на Брисел во нашата европска интеграција“, соопштија од Владата.
На средбата во амбасадата на Северна Македонија во Лондон премиерот Ковачевски го истакна традиционалното пријателство на Обединетото Кралство и Северна Македонија, како и силната британска поддршка која како држава ја добиваме во сферата на демократизацијата, доброто владеење, отворената Влада, транспарентноста и отчетноста, се додава во соопштението на Владата.