„Со премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис денеска имавме неколку конкретни теми на кои разговаравме и за кои постигнавме договор, а кои се однесуваат на справувањето со енергетската криза“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција по средбата со неговиот грчки колега.
„Денес имавме неколку конкретни теми на кои разговаравме и на кои постигнавме договор со Република Грција. Прво снабдувањето со лигнит и јаглен којшто доаѓа од рудниците во Грција ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“ – порача премиерот Ковачевски.
Тој напомена дека „втората тема на која постигнавме договор е непречено снабдување со мазут преку Грција како што и досега имавме снабдување со цел непречено да може да функционира ТЕЦ „Неготино“, со што ќе обезбеди снабдување на електрична енергија, исто така, и од овој капацитет“.
Ковачевски потенцираше дека „премиерот Мицотакис изрази задоволство што Северна Македонија ги отпочна преговорите со Европската Унија и што веќе сме на пат на полноправно членство во ЕУ“.